Алфа сторија за семејството Спасевски од Илиово – децата одат по 8 км за до училиште и назад

Алфа сторија за семејството Спасевски од Илиово – децата одат по 8 км за до училиште и назад

По земјен пат низ шума, преминувајќи река, кривини и угорници … ова е секојдневната рута на трите деца на Томчо и Маја Спасевски од село Илиово која два пати во денот треба да ја поминат, за да одат на училиште…

Селото е од разбиен тип.  Има околу педесетина жители. Претежно се стари лица. Првите соседи им се иселиле во странство. Маја е единствената млада жена. Во селото има и шест дечиња, по три од две фамилии. Сите учат во ООУ„Ванчо Прќе„ во Делчево. Имаат и училишен превоз. Автобусчето секој ден точно во 14 часот ги враќа во селото. Но од постојката каде ги остава, децата на Спасевски треба да поминат уште 4 километри за да стигнат до дома. Потребни би биле дваесетина минути, ако се со автомобил, а час и половина ако одат пеш.

  • „Доле поминува комбето на 4 километри од каде што живееме и мора секојдневно да ги носам до доле. Немаат превоз до дома„ изјави Томчо Спасевски, од село Илиово.

Проблемот се провлекува со години. Родителите бараат конечно училиштето и превозникот да најдат начин и го решат проблемот, со тоа што децата ќе имаат превоз, а таткото иако превозот е задолжителен за секој ученик нема да биде принуден секој ден по четири пати да ја вози истата рута.

  •   “ Само барам децата да ми ги земат од дома и да ми ги враќат. Друго ништо не барам…. Оваа година имаат многу изостаноци. Мислам дека ќе решат, ги носам, ама ништо. Некогаш кога не можам да ги однесам и пешки одат„вели Томчо Спасевски.
  •   „Има волци, диви свињи  може да ги нападнат по патот. Им се јавуваме на телефон за да видеме до каде се. Некогаш и дожд ќе ги заврне. На мисла ми се додека да дојдат дома„ објаснува Маја, сопругата на Томчо.

За лани решение било тоа што превозникот што го добил училишниот тендер, на таткото му плаќал симболична сума за гориво. Таткото е дециден, дека пари не му се потребни, туку безбеден превоз на децата до дома. Годинава и поради обврските што ги има вели, дека не може да прифати таков предлог.

  • Стоката е проблематична, треба се до неа да бидеш. Не можеш кога сакаш да се вратиш и да ја измолзиш или нахраниш. Мора се навреме. Татко ми е веќе стар, во јуни ќе оди во пензија„ изјави Томчо Спасевски.

Превозникот не успеавме да го исконтактираме, но стапивме во контакт со директорот на училиштето. Тој првично не убедуваше дека проблемот е решен, но на нашето прашање дали ќе може да поразговараме, ни одговори да го бараме за половина час. Но и по осум повици, тој не одговори.

Побаравме одговор и од општината. Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски се пофали дека направиле се што е во нивна надлежност, дури и дека го рехабилитирале патот… но освен проширување и тампонирање, други активности не се  гледаат.

Во меѓувреме Спасевски поднесе кривична пријава против директорот на училиштето и превозникот, а со  случајот се запознати и од Државниот просветен инспекторат. За децата да не одат пешки, ова тромесечие често отсуствувале и од настава.

  • Особено на најмалата, на неа и е најтешко. Ја учат азбуката латиница, таблицата. Половина од буквите ги испушти„ објаснува мајката Маја.

Маја и Томчо се едни од ретките млади луѓе кои својата иднина не ја гледале во странство, туку напротив решиле да останат овде и во оваа „Недојдија„ да го создадат својот дом. Се занимаваат со сточарство. Месечно произведуваат и по 3 тони млеко.  Задоволни се од тоа што го работат. 

  •  „Јас имав 25 говеда и повеќе кози . За едно две три години можам да го зголемам стадото, ама треба да има услови, да има пат„ вели Спасевски.

Наместо да продолжи да создава и да ги зголемува стадата со крави и кози, Спасевски е цврсто решен за брзо време доколку не го реши проблемот со училишниот превоз, да го напушти татковото огниште, да ја продаде стоката и заедно со семејството среќата си ја барат во градот.

https://youtu.be/yoscjphQkpM
КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста