Ако ви се случи да се разболите среде ноќ во Дојран, доктор нема ни за лек

Доктор ни за лек навечер во Дојран. Ако нешто ви се случи треба да сте среќник ако навреме успее да стигне брза помош дури од Гевгелија. Дојранската амбуланта става клуч на врата во 20 часот и потоа Господ на помош, велат дојранчани. Но и туристите кои се периодов во огромен број се во паника. Ни во најлошите филмови, велат не може да се замисли во ек на сезона да нема лекар 24 часа.

И преку ден, лекар доаѓа од Гевгелија. Освен матичен по општа медицина во оваа општина, други доктори нема. И самите лекари велат е невозможно вака да се функционира.  Соодветно би било да има две екипи на брза помош, да не останува празна амбулантата.

“Дали има потреба дали нема потреба, има потреба, нормално дека има потреба. Ако има две екипи на пример, една екипа да е за повик другата да биде тука за амбулантата, ќе биде малку полесно, така е малку потешко, зашто, дури екипата е на повик, пациентите кои што доаѓаат тука, тие чекаат за преглед. Меѓутоа итната медицинска помош од Гевгелија, толку може да направи, повеќе не е во можност зашто ние истата екипа, истата брза помош работи и во Гевгелија, ги збринува сите пациенти од Гевгелија, Богданци и Дојран.” – вели д-р Елена Стојанова, специјалист по општа медицина.

Д-р Елена Стојанова, специјалист по општа медицина не можеше да даде одговор на прашањето Зошто нема брза помош во Дојран 24 часа. Вели, најтешко поминале изминатиов продолжен викенд, кога Дојран беше преполн туристи.

“Тоа јас како лекар не би можела да го кажам, меѓутоа, колку што гледам ние во Гевгелија не сме во можност тоа да го направиме. Нашата можност е толку. Дури и тоа што сега го правиме е премногу и оптеретена е малку повеќе итната медицинска помош, зошто тие истите лекари што работат во текот на годината во Гевгелија, сега треба да бидат разделени и во Гевгелија и во Дојран.” – изјави д-р Стојанова.

Лекарскиот тим ова лето најверојатно ќе доаѓа до почетокот на септември – вели д-р Стојанова.

 

Дијана Тасева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста