Агенција за спорт троши 14,5 милиони денари за кугланата во Битола, во корона-криза

Додека битолските здравствени институции и другите државни служби мака мачат како да се снабдат со заштитна опрема и препарати во време на корона, Агенцијата за млади и спорт во Битола ќе прави современа куглана. Адаптацијата на кугланата ќе чии, 14, 5 милиони денари а на електронската аукција, изведбените работи ги доби градежната фирма “БВ Инженеринг“ од Битола.

– За две недели започнуваме со реализација на проектот, а адаптацијата според договорот ќе трае 12 месеци – велат од “БВ Инженеринг“. Првиот човек на Агенцијата Дарко Каевски, денеска не беше достапен да одговори зошто во услови на пандемија и карантини, се форсираат вакви проекти.

Меѓутоа, одговорот лежи во нешто сосема друго. Градоначалничката Наташа Петровска кугланата ја имаше ветено во предизборието во 2017 година, а иако беше најавена како локален проект со 12 милиони денари, инвестицијата ја презеде Агенцијата за млади и спорт и ќе стартува во време на предизборие, како сите други проекти според Програмата на Општината.

Во услови на корона и предизборие, политичката логика на власта вели да се продолжи со предизборните проекти, вклучително и со адаптацијата на кугланата.

 

Петар Стефановски 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста