Денеска во “Кромберг и Шуберт“ повторно започнаа со работа

Околу илјада вработени во германскиот гигант “Кромберг и Шуберт“, после четирисет дена пауза поради последиците од пандемијата со корона вирусот, го рестартираа работниот процес и од раните утрински часови се најдоа на своите работни места. Уште пред изгреј сонце, на автобуските постојки можеа да се видат полно автобуси, а со социјална дистанца, работниците стрпливо еден по еден влегуваа во автобусите, според безбедносните протоколи и со контрола на обучено и задолжено лице- да се спроведува хигиена, да им мери температура, да им подели маски и да ги информира за с`е друго неопходно за нивна заштита.

– Првин ќе ги бришите обувките, потоа ќе миете раце, а јас ќе ви мерам температура и еден по еден ќе влегувате во автобусот преку едно седиште. На секое седиште имате флаери, земете ги и прочитајте ги- им рече на работниците контролорката Виолета Јошевска.

Екипата на “АЛФА“ која утрово ја помина истата дестинација до индустриската зона “Жабени“, ја регистрираше истата слика на организираност и при влезот во фабриката, а менаџерскиот тим ги пречека таму работниците со добредојде, посакувајќи им успешна работа.

Процесот со работа започна откако стасаа првите нарачки за погоните на “Мерцедес“ во Германија и Шпанија, а како ќе се зголемува обемот на работа, така се планира, сукцесивно до крајот на мај, да бидат ангажирани сите 5. 700 работници. Тие за месец март ја зедоа целата плата, а с`е уште се прават пресметки колкава ќе биде платата за април, и дали ќе се користи некоја од владините мерки за финансиска поддршка. Сепак, според денешниот старт, “Кромберт и Шуберт“ подготвено започна со работа во услови на епидемија со КОВИД- 19.

Екипата на АЛФА ова утро околу пет часот, снимаше и пред автобуските постојки но и пред “Кромберг и Шуберт“. Просто е невројатно, колку подготвено и дисциплинирано работниците пристапуваат кон работниот процес, небаре се наоѓаат во Германија. Значи, едноставно и тука се може.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста