Паника кај корисниците мобилните мрежи – македонски броеви мета на хакерски напад

Ваков сигнал ќе слушнете доколку се јавите на еден од сомнителните странски броеви кои од утрово ги вознемируваат корисниците на мобилните мрежи. Никој не одговара, а веднаш потоа линијата се прекинува.

Илјадници граѓани во паника – преку социјалните мрежи алармираат дека од броеви со странски префикси им ѕвонеле на мобилните телефони. Малкумина од нив успеале да одговорат на повикот, бидејќи врската се прекинувала. Корисниците на мобилните услуги најчесто добивале повик од број со префикс +221 кој е регистриран како повикувачки за африканската држава Сенегал, но повици имало и од број со префикс +881 кој не е евидентиран во ниту една држава.

Од компанијата „Телеком“ велат дека најверојатно се работи за хакерски напад.

„За да ги заштитиме корисниците од несакани трошоци, компанијата веднаш презеде безбедносни мерки, ги блокираше непознатите броеви и го оневозможи бирањето кон овие дестинации. Апелираме корисниците да бидат внимателни и да не одговараат на пропуштени повици од непознати броеви“, информираат од „Телеком“.

За проблемот алармираа и од Агенцијата за електронски комуникации. Оттаму велат дека вакви злоупотреби се случувале и минатата година. Апелираа до корисниците да не одговараат на дојдовни повици од неидентификувани странски броеви.

И од МВР потврдуваат дека Секторот за компјутерски криминал работи на расчистување на случајот и заштита на граѓаните.

Ваквите измами чиј цел се корисници на телефонски услуги се се’ позачестени. Корисниците се бираат преку т.н. „протекување на податоци“, а земји од кои најчесто се прават измамите биле Естонија, Литванија и Нигерија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста