Канада: Масивен верижен судир, над 70 лица повредени (Видео)

Над 70 лица се повредени во верижниот судир во кој учествуваа повеќе од 200 возила на канадски автопат во близина на Монтреал.

Две лица биле со часови заробени во своите автомобили додека спасувачките служби не успеале да ги извлечат. Несреќата се случила околу 12:30 часот по локално време, а според канадските медиуми, некои од повредени се во критична здравствена состојба.

Во несреќата учествувал и школски минибус како и цистерна, со што за среќа била избегната голема трагедија.

„Учествувало речиси се што движи на четири тркала“, изјави Мичел Мур, шеф на полицијата во провинцијата Квебек, додавајќи дека сите имале голема среќа што не избил пожар.

Дел од возилата завршиле едни врз други, а дел од возилата биле целосно уништени. Околу 75 возила сега се отстрануваат од патот, додека 50-тина со помали оштетувања биле поместени од страна на сопствениците.

Министерот за сообраќај на Канада изјави дека несреќата се случила веројатно поради обилниот снег, додавајќи дека автопатот бил чистен два пати за само еден час.

„Луѓето возеле, ветерот бил силен, и одеднаш се наоѓате во ситуација во која ништо не гледате. И така започнал верижниот судир“, додал тој.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста