„Фокус“: Како Арсовска со навреди и закани ја терала извршната директорка да си оди од ССК?

Со навреди и закани по животот, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ја терала извршната директорка на Сојузот на Стопански комори, Кристина Стојановиќ, да ја напушти функцијата на која беше поставена лани во август, пишува „Фокус“ кој имал увид во полицискиот записник. Неделникот пишува дека Арсовска преку својот близок соработник, Драган Митковски кој е претседател на Сметководствената комора пробала да ја тргне од функција Стојановиќ. Кога не успеала, лани во декември, почнала со телефонски повици и пораки, прво културно да бара од неа да си замине од ССК заедно со претседателот Трајан Ангеловски поради наводни здравствени причини, а подоцна тоа да кулминира со навреди и закани по живот.

„Имаш рок до четврток. Фино и културно. Ако не напуштиш, животот пекол ќе ти стане. Ќе ве масакрираме“, се наведува во пораката. Понатаму, од тоа што е наведено во пораката, може да се сфати дека тој што и ги упатува заканите, и дава последна опомена да се повлече од раководното место, со оглед на тоа што не „послушала“ во изминатиот период.  Дури еден месец подоцна, поточно на 26 јануари 2022 година, Арсовска повторно и испратила порака на извршната директорка. „Од тебе порасипано створење во животот не сум видела. Нека ти е среќа“, се наведува во пораката, пишува „Фокус“ цитирајќи пораки со кои располага.

Приказната добива кулминација кога во февруари се запали „Мерцедесот“ на извршната директорка, која три дена пред пожарот добила последна опомена односно заканувачка.

И од увидот во самиот записник, пишува неделникот, може да се забележи дека раководството на ССК покренало ревизија за работењето од претходната година додека Арсовска се уште била претседател, што е главна причина зашто барала од нив да ги напуштат раководните позиции.

Осум месеци по подметнатиот пожар во автомобилот, отворен е предмет во Јавното обвинителство, од каде велат дека работат на случајот. Кривичната пријава, која моментално се води против непознат сторител, опфаќа две кривични дела, и тоа „Загрозување на сигурноста“ според член 144, како и „Предизвикување општа опасност“.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста