ДУИ главен во власта: СДСМ и Ковачевски помал коалиционен партнер на Ахмети?

ДУИ главен во власта, СДСМ наликува на помал коалициски партнер на Ахмети. Имаат само 15 пратеници, а исто толку високи владини функционери. Шест министри, четири заменици и пет државни секретари. За споредба СДСМ со 46 пратеници има ист број министерски позиции со интегративците, шест. Интегративците имаат доверба од само нешто повеќе од 10 проценти кај граѓаните, но за нив се менуваше и законот за Влада, и се измисли новата позиција прв вицепремиер, која ја доби министерот за политички систем Артан Груби.

Доказ за силата на ДУИ е и што доби и уште неколку капиталци. Преговорите со Бугарија ги водеше и води Бујар Османи, од позиција на шеф на дипломатијата, со парите во ек на голема енергетска криза менаџираат министрите за финансии и економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши. Во моменти кога зелената политика е една од најважните на Европската Унија, министер за животна средина е Насер Нуредини. Со еден од клучните сектори, образованието, пак менаџира Јетон Шаќири.

На сите заедничко им е дека имаат ист партиски шеф, Али Ахмети. Дека можеби токму лидерот на ДУИ е оној кој е клучен во водењето на државата, а не СДСМ и Ковачевски, покажува и еден помалку комичен момент од прес конференција на премиерот, каде зад него беше шефот на интегративците. На прашањето како ќе функционира државата, одговорот го даде Ахмети, а по него го повтори Ковачевски.

-Прво ќе ви кажам како ќе функционираме, почна Ковачевски.

-Како до сега, му дошепна Ахмети.

-Како до сега, па кажа Ковачевски.

Заменик министри ДУИ има во внатрешни работи, каде е Назим Буши, во правда Агим Нухиу, во одбрана Башким Хасани, а во транспорт и врски Беким Реџепи. Државни секретари пак имаат во земјоделие, култура, транспорт и врски, политички систем и правда, каде е Мухамед Точи. Тој стана актуелен во јавноста пред помалку од еден месец, кога на комисиска расправа се обидуваше да ја попречи да говори пратеничката Благица Ласовска, потег за кој нема никаква одговорност.

За Ахмети важи дека ниту премиерот не смее да му се меша во кадровски одлуки. Тоа се докажа и во 2019-та година, кога од помпезно и гласно најавуваната метла, не беше чепнат ниту еден функционер на ДУИ. Дека Ковачевски, ниту Заев претходно не смеат да му се мешаат на ахмети и кажа и оранешниот министер за животна средина, Садула Дураку.

-Кој ќе остане во Владата и кој ќе биде дел од метлата, по однос на функционерите на ДУИ одлучува лидерот на ДУИ, изјави Дураку.

Големината на својот лидер ја потенцираат сите во ДУИ, а еден од нив е и првиот вицепремиер Артан Груби, кој Ахмети го стави над сите граѓани во државата.

На Ахмети не му треба народот, на народот му треба Али Ахмети, порача Груби.

ДУИ доби и голем број директорски позиции во извршната власт. Меѓу нив и неколку атрактивни во јавните државни претпријатија,  како на пример државни патишта, АЕК, Агенцијата за лекови и медицински средства, М-Нав. ДУИ директоруваше и во МЕПСО, но поради коалициони комбинаторики и спас на владиното мнозинство, на крајот на 2021-ва таа позиција замина кај Алтернатива.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста