Со најавата за Aлбанец премиер, Oсмани најавува и предвремени избори годинава

Османи на мала врата најавува предвремени парламентарни избори во Македонија, сметаат дел од аналитичарите толкувајќи ја изјавата на министерот за надворешни работи кој рече за неколку месеци Македонија ќе го има првиот премиер албанец. Политикологот и аналитичар Анатасовски вели дека ова е проблен балон на интегративците да најават избори оти внатрепартискиот раскол се зголемува и ДУИ ја губи својата моќ. Атанасовски потенцира секој пат кога се ближат избори, партијата на Ахмети игра на картата национализам.

Симптоматична е изјавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој е и претседател на чаирскиот огранок на местото на Изет Меџити, таа изјава имплицира две работи, прво дека ДУИ веќе веројатно се спрема за избори бидејќи до сега имаше една внатрепартиска пресметка со таканаречената огнена група, од друга страна секогаш кога ДУИ настапува во очи избори прибегнува кон националистичка реторика.Морам да напоменам дека таа изјава се надоврзува на изјавата на првиот вицепремиер и човек од најголема доверба на Ахмети, Артан Груби кој пред само неколку недели директно упати покана или така да кажам политички фрли ракавица до лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски еве ВМРО нека се вклучи во изгласувањето на уставните измени, потоа втора точка ќе биадт предвемените избори, вели за Алфа, Благојче Атанасовски – аналитичар.

Мицкоски беше дециден дека овој парламентарен состав нема мандат да прави уставни измени, но идејата на ДУИ за предвремени избори датира и од претходно, преку подискретни чекори смета аналитичарот Клековски.

Точно е дека може да се толкува дека ќе има предвремени избори порано од тоа што се најавува, иако Владата негира дека ќе има предвремени избори и тие ќе бидат во редовен термин, и ДУИ и СДСМ се спремаат за предвремени избори со повеќе постапки вклучувајќи ја и последната за зголемување на минималните плати, буџетот е димензиониран коруптивно и клиентелистички за да има избори оваа година, така што не би требало тоа да не изненади. Тоа ќе зависи дали позициите на ДУИ и СДСМ се влошуваат, доколку нивните позиции се влошуваат тие ќе сакаат да го пресретнат тој процес на влошување и да излезат на предвремени избори бидејќи следната година би било уште полошо, вели за Алфа, Сашо Клековски – аналитичар.

И Клековски се надвоврзува на Атанасовски вели дека ДУИ почнува да мафта со својата националистичка реторика во обид да ги консолидира своите редови, бидејќи расколот во ДУИ ќе го намали гласачкото тело на интегративците и предвремени избори се идеално решение за да се воспостави ред во партијата на Ахмети.

Дека изјавата на Османи може да се толкува како најава за избори годинава е и законот за техничка влада во кој стои дека 100 дена пред одржување на избори треба да има технички премиер, кој според договорот на Заев и Ахмети ќе биде албанец, а Османи најави дека албанец премиер ќе има за неколку месеци, а редовните избори се планирани за наредната година, односно за 12 до 16 месеци од денеска.

Мери Симоновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста