Скандалозни ставови на Љубчо Георгиевски: Македонската нација излегува од бугарската, Македонец и Бугарин практично било синоним

Од човек кој говореше за браќа Македонци во Пиринска Македонија, до човек кој целосно удира по македонските позиции и тврди дека македонската нација излегувала од бугарската. Според она што го читал и анализирал, Македонците и Бугарите биле едно според поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски. Во гостување на подкаст на јутјуб каналот Конзерватив БГ пред повеќе од месец, тој со нова серија скандалозни ставови кои целосно се согласни со она што го тврди официјална Софија. 

-Кој е крив за македонизацијата?  Значи според мене јас сум еден од ретките Македонци кој ќе ви каже дека да, според сето она што го анализирам и сето тоа што го читам јасно е дека македонската нација излегува од бугарската, ама во еден долг процес, ама не 45-та, значи има многу сериозен процес, има многу политички конфронтации, изјави Георгиевски.

Георгиевски е на иста бранова должина со бугарските власти и кога е македонската историја во прашање. Според него добар дел од нејзе била фалсификат и морала да се менува, па дури и ако Бугарија по некоја случајност не го барала тоа.

Ќе продолжам да зборувам за фалсификатите на македонската историја, затоа што има смешни работи. Македонската историја е просто хумористична, ако ја читате и јас како интелектуалец не сакам да дозволам некој тенденциозно да ми наметнува лажна историја. Значи проблемот на македонската историографија треба да биде проблем на Македонците и не е дека нема сили кои не сакаат да се направи таква реформа, изјави Георгиевски.

Во ова скандалозно интервју каде што го фали поранешниот премиер Зоран Заев, дека односите со Бугарија го довел до највисоко ниво, зборуваше и за македонизмот. Според него постојат грчки, комунистички и бугарски македонизам.

-Да кажеш Македонец и Бугарин практично било синоним. Комунистички македонизам, кој ден денеска е на сила во Макеоднија, тука вината се фрла на Тито, на Сталин, на Србите, на не знам кој, изјави Георгиевски.

Поранешниот македонски премиер испрати и осуда до бугарските власти, барале премногу отстапки од Македонија. А откри и дека пред првото бугарско вето македонските власти прифатиле Делчев да биде покрај македонски и бугарски херој, но официјална Софија барале категорично да пишува дека бил само Бугарин, па поради тоа не дошло до конечен договор.

-Пред кризата пред ветото македонската страна беше согласна да каже дека Гоце Делчев е македонски и бугарски херој. Бугарската страна имаше, историската комисија на бугарската страна имаше еден лист кај што требаше Македонија да каже 12 пати дека Гоце Делчев е Бугарин, изјави Георгиевски.

Инаку, Георгиевски е човекот кој даде и скандалозен предлог за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Предлог каде бара властите во Скопје да се откажат од Македонците во Бугарија, откажување од македонскиот јазик пред 45-та, да сме признаеле дека Делчев бил и бугарски револуционер и битката за независна македонска држава ја водел на бугарски јазик, итно менување на историските учебници по бугарски терк, а тој го потпиша и првиот договор за пријателство кој за прв пат го проблематизираше и македонскиот јазик.

Инаку, пред да се прогласи за Бугарофил, Георгиевски важеше за еден од најголемите патриоти и борец за македонска независност. Сепак неговата реторика се промени во 1998-та кога дојде до власта и премиерското столче. Тогаш од голем патриот почна да ја менува својата реторика, а како што и самиот кажа подоцна бил бугарофил.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста