Инфлацијата ќе го „изеде“ најавеното зголемување на минималната плата на 20.175 денари

Почнувајќи од април минималната плата во Македонија ќе биде повисока за 2.175 денари и од 18.000 ќе порасне на 20.175 денари. Секој работник, веќе од следниот месец ќе ја зема оваа плата како минимална, велат од Владата.

Работниците кои до сега земаа минималец од 18.000, од сега ќе добиваат 2.175 денари повеќе, односно платата им се зголемува на 20.175 денари, што е раст од 12,55%. Колку за потсетување, инфлацијата во февруари беше 16,7%, што значи дека и поркај ова зголемување – минималната плата ќе вреди помалку од лани.

За вицепремиерот Фатмир Битиќи дојден е денот кога дефинирањето на минималната плата повеќе не е предмет на преговори, кавги, уцени и купување на политички поени.

  • Денес на економско-социјалниот совет, преку дијалог со синдикатите и работодавачите лани, се договоривме за системско решение и нова методологија за постојан раст на минималната плата и ја утврдивме сегашната плата, односно 20 175 денари“, рече Битиќи.

Министерката за труд и соицијална политика Јована Тренчевска рече дека со денешната одлука на економско-социјалниот совет продолжува постојаниот раст на минималната плата.

  • Имаме постојан раст на платите и за оваа година нето минималната плата изнесува 20 175 денари, а бруто минималната плата од март 2023 година изнесува 29 739 денари“, нагласи Тренчевска.

Бизнис-заедницата вети дека ќе ги почитува законските одредби кои кои произлегуваат од социјалниот дијалог со Владата и работниците, но потенцира дека работниците мора да си ја заработат платата.

Од Организацијата на работодавачи рекоа дека отсекогаш ги поддржуваат системските и законски решенија и секојпат се стремат да ги мотивираат и да ги наградат добрите работници.

  • Ова решение го донесовме едногласно. Ова законско решение е веќе стокмено и немаме потреба да разговараме понатму за негови измени, но мора да разговараме во една друга насока, а тоа е да имаме попродуктивни работници, да имаме млади луѓе кои ќе бидат задоволни со жиовеењето во оваа држава и кои ќе сакаат да работат во приватниот сектор“, нагласи претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајковска.

Од Сојузот на синдикати ги повикаа работодавачите да ги усогласат останатите плати со висината на минималната плата за да не дојде до урамниловка.

  • Од минатата година до сега минималната плата се зголеми за 4 920 денари на што како синдикат сме горди иако сме свесни дека не е доволно во времето во кое живееме. Инфлацијата и растот на животните трошоци ни ја намалува куповната моќ, но сепак сметаме дека е добар почеток и добар пат како да продолжиме. Она на што сакаме да повикаме е сите работодавачи, како во приватниот така и во јавниот сектор, да најдат сили и начин да ги усогласат платите и на останатите вработени за да не дојде до една соодветна урамниловка каде нема да има силно мотивирани работници туку ќе имаме работници кои ќе се споредуваат едни со други само за тоа колку плата земаат“, изјави Златко Цветковски од ССМ.

Инаку, со измените на законот за минимална плата, донесени во март лани, се воспостави нова методологија, што ќе значи постојан раст на минималната плата.

Колку за споредба, според последните податоци, најниска минимална плата од 309 евра земаат граѓаните во Бугарија и Албанија, додека највисока минимална плата земаат жителите на Луксембург, која надминува 2.000 евра.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста