Родителите од руралните средини бараат децата да им одат во училиште

Долга и обемна е листата на протоколи за основните и средни училишта, велат наставниците откако вчера Владата конечно ги објави протоколите за старт на учебната година.

Учениците од прво до трето одделение ќе учат во три смени, училиштата ќе бидат отворени од 7 часот наутро до 20 часот, а помеѓу смените ќе мора да има пауза за чистење и дезинфекција. Влезот за родителите ќе биде забранет.

„Направивме план и протокол како ќе се одвива наставата со физичко присуство, од каде ќе влегуваат учениците од каде ќе излегуваат, како ќе траат часовите, кој ќе биде на одмор во холовите дежурен, кој ќе се грижи за хигиената“, вели Анита Ангеловска, директор на ООУ „Кирил и Методиј“, Стајковци.

Родителите од руралните средини притискаат децата да им одат в училиште. Одлуката сепак ќе треба да ја донесат локалните власти и МОН. Ангеловска вели, без разлика за кој модел на настава и да се одлучат, децата и во услови на пандемија заслужуваат квалитетно образование.

„Физичкото присуство на децата е незаменливо, но нивното здравје е уште побитно. Ние даваме се од себе за да можеме на учениците да им обезбедиме квалитетна настава во било која варијанта. Наставата мора да продолжи, историјата памети многу тешко периоди со пандемии и со војни па децата се образувале“, вели Ангеловска.

Родителите ќе мора секој ден пред настава во училиште на децата да им ја мерат телесната температура. Паузите ќе се минуваат во училница, а децата ќе треба храна да си носат од дома. Задолжително ќе биде и носење на заштитна маска за цело времетраење на наставата. Тоа пак предизвика негодување кај родителите кои преку социјалните мрежи реагираат оти децата до 9 години се премногу мали за да се придржуваат до протоколите.

Секое одделение ќе мора да има најмногу 20 ученици, а сите да седат на растојание од метар и половина. Физичката дистанца помеѓу децата и за време на одморите ќе мора да ја контролираат дежурните наставници.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста