Резултатите од обдукцијата на новороденчето во битолската болница ќе бидат готови до среда – Мајката се сомнева за соддржината

Вторник или најдоцна среда треба да бидат готови резултатите од обдукцијата на новороденчето кое пред три месеци почина на Клиничката болница во Битола, по само два часа од породувањето, ни рече за Алфа, директорката на Болницата, д-р Елизабета Ивановска. Постапката била при самиот крај, па веќе на истекот од наредната недела се очекува наодите да стигнат и во битолското ОЈО за понатамошно постапување. Според написите во некои медиуми, обдукцијата на бебето ја врши истиот патолог кој работел и на случајот со шестгодишната Јана, а на чии резултати, исто така се чекаше со месеци и кои пред десетина дена покажаа дека не е пронајдена лекарска грешка.

Мајката на несреќното новороденче, младата Викторија Крстеска, за Алфа ни кажа дека таа лично се’ уште не била информирана за овие нови моменти. Но, вели уверена е дека и за нејзиното бебе, најверојатно случајот ќе завршел како и со малата Јана, односно дека лекарска грешна – нема да има.

  • „Што можам да очекувам? Кога успеаа да ја наместат целата работа и за тоа ангелче Јана, мислите мене ќе ме поштедат?! Не..!!! Јасно ми е се’. Децата ни заминаа. Наместо да имаме среќно семејство и да се радуваме и јас, и Кристина, мајката на Јана, ние сме уништени. Да не се повтори на ниту една мајка. Никоја да не го доживее она што мене ми се случи. Нема поголема болка. Те бодрат – треба да живееш, а тебе не ти се живее. Само јас си знам како спијам и дали спијам. Панични напади, антидепресиви, на само 24 години. Животот ми го уништија. Но, верувам дека ако не ги стигне мојата правда, нека се плашат од Господовата, а јас ќе продолжам да им дишам во врат на „љубезните стручњаци“ додека сум жива“ – ни рече младата мајка Викторија.

Од битолското ОЈО пак, соопштуваат дека дури откако ќе ги добијат резултатите, ќе знаат дали ќе имало потреба да се произнесат за евентуална причинско-последична врска на лекарскиот третман со причините за смртта на новороденчето, а со тоа и дали ќе имало потреба од издавање налог за Судска медицина во Скопје.

Инаку, новороденчето почина на 9-ти април под сомнителни околности. Несудената мајка имала здрава и нормална бременост. Породувањето на малото момченце било изврешено со вакуум за по два часа да почине. По ваквиот трагичен епилог, тогаш уште веднаш, ДСЗИ спроведе вонреден инспекциски надзор во Болницата и прекршочно казни еден лекар заради тоа што „во медицинската евиденција не се внесени дадените препораки и нема отпусно писмо, а нема евидентирано ни анамнеза и статус на пациентката од страна на дежурниот лекар М.В. кој го извршил приемот“, стоеше во образложението од ДСЗИ.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста