Преспанското езеро продолжува тивко да умира, во опасност и 275 видови на риби, алги и птици

Вториот по големина македонски езерски бисер, Преспанското Езеро, продолжува да умира на очиглед на сите. Нивото на езерото во однос на истиов период лани, годинава е намелено за 70 сантиметри, покажуваат последните мерења на УХМР. Црвениот аларм дека Eзерото веќе е во фаза на еколошка катастрофа со што сериозно се загрозени и 275 ендемски видови на риби, алги и птици, е вклучен одамна, предупредуваат еко-активистите и бараат итни и ургентни мерки од државата за спас и на Езерото, но и на цела Преспа.

Повеќе од 20 години Преспа е заборавена, значи ништо не се вложило. Освен донаторските програми на ЕУ, кои на каков-таков начин придонеле за тоа малку што е инвестирано во Преспа. Сметаме дека одговорноста треба да се бара во врвот на државата затоа што за реон кој припаѓа на три држави, се наоѓа помеѓу два национални паркови, прогласен е за заштитетно подрачје, во Преспа го имате Паркот на природата – Езерани, Езерото е прогласено за Споменик на природата, сметаме дека државата треба да си поводи сметка оти ова е проблем на сите нас кои живееме во оваа земја и треба со конкретно преземање на чекори да се обидеме да го вратиме сјајот на Преспа“, вели Марија Ефтимовска од Здружението „Еко Герила“, Ресен.

Дека и општина Ресен е немоќна било што да направи, говори и последниот податок што Владата, со назнака „итно“, на почетокот од годинава побарала Општината да ги врати 84-те милиони денари од наменската сметка, наменети точно за спас на Езерото. „Се разбира дека одбив. Ние парите нема да ги вратиме, иако ни ги „замрзнаа“. Тие пари се строго наменски и така и ќе останат, независно од евентуалните последици кои би ги трпеле како „казна“ од Владата која очигледно прави се’ за парите да не се употребат за тоа што и се наменети“, – ни изјави за Алфа, ресенскиот градоначалник, Јован Тозиевски.

Во јануари пак, премиерот Ковачевски, при посетата на Преспа, најави дека допрва ќе се правеле анализи и ќе се преземале мерки за спас на Преспанското Езеро.

„Ние разговаравме со ресорните министерства во врска со овој проблем и дека во наредниот период ќе мора да се изработи анализа врз основа на која ќе може да се определат активности и мерки и како да се спаси Преспанското Езеро, исто како што во минатото беше направено и со Охридското Езеро“, кажа премиерот Димитар Ковачевски (21.01.2023 г.).

Инаку, Преспанското Езеро е едно од најстарите во Европа, над 1 милион години. Во последниве години на некои места тоа е повлечено и до 3 километри, а  сегашното ниво е 6,1 метри под нултата кота.

Каролина Дурло

                                                                                      

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста