После ФЗОМ, УЈП и МВР предупредуваат на упад во нивните системи, кој ќе ги заштити личните податоци на граѓаните?

Прво Фондот за здравство, а сега и Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи… Упад во системите на клучните институции кои ги поседуваат личните податоци и најдоверливите идентитетски информации на секој еден граѓанин. Кој и зошто има полза од ова, ниедна институција уште нема одговор, но опасноста останува: дали и како би можеле податоците да се злоупотребат. Изутрината алармот се огласи од управата за јавни приходи, како и од министерството за внатрешни работи.

Од УЈП преку соопштение информираат дека веќе втор ден, непознат испраќач кој го користи нивниото лого, преку СМС – пораки се обидува да ги измами граѓаните и преку манипулација да ги добие нинвите лични податоци, како и податоци од кредитни и дебитни картички.

  • „Пораките се испраќани од телефонскиот број 079-212-628. Управата за јавни приходи апелира ДА НЕ СЕ ОТВАРААТ ОВИЕ СМС ПОРАКИ И ДА НЕ СЕ ОТВАРА ЛИНКОТ, а доколку некој го отворил линкот да не ги пополнува полињата во кои се бараат лични податоци од граѓаните затоа што истите можат да бидат злоупотребени.“ – Пишува во предупредувањето од Управа за јавни мприходи.

Но, хибридните закани не се задржаа само на даночниот систем, со сопштение се огласија и од Министерството за внатрешни работи. Тие исто така ги предупредуваат граѓаните да внимаваат бидејќи лажни електронски пораки се испраќаат во име на МВР и дека станува збор за обид за измама од меѓународни размери.

  • „Примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од било која институција за спроведување на законот“ – Појаснуваат од МВР.

Од министерството ги предупредуваат граѓаните да не ги отвораат линковите и датотеките кои се испратени од лажните испраќачи.

  • „Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани.“ – Алармираат од МВР.

Оттаму додаваат дека се во координација со Европол, имајќи предвид дека електронски пораки со слична соддржина во изминатиот период биле испраќани и на граѓаните во земјите од регионот.

Експертите велат дека државата нема капацитет за да се справат со хибридните закани кои доаѓаат однадвор.

  • „Некои активности во министерството за внатрешни работи не течат онака како што треба да течат. Има некое ситно опонирање, внатре во самото министерство за внатрешни работи, што остава простор на сомнеж како да министерството за внатрешни работи нема доволно сила, знаење и капацитет.“ – Вели безбедносниот експерт Љубомир Ѓурчески.

Овие настани следат откако веќе неколку дена е хакиран фондот за здравствено осигурување, од каде утврдија дека станува збор за „неовластен влез во компјутерскиот систем“. Институција која ја поседува една од најголмите податочни бази со бројни информации за граѓаните. Таму проблемот што го имаат пациентите и матичните лекари се уште не е решен, а здравствените работници се уште немаат земено плата.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста