Алтернатива излегува од Владата, Гаши лут на Ковачевски – СДСМ со одлуките може да предизвика меѓуетнички тензии

Партијата на Африм Гаши оди во опозиција. Тројцата пратеници од Алтернатива ќе ги заземат собраниските столчиња од десната страна во Парламентот. Првиот човек на партијата револтиран од Ковачевски, зошто не ја почекаа нивната официјална одлука дали ќе останат или ќе ја напуштат владата. Според него СДСМ кршејќи ги европските вредности, еднострано и брутално го раскинала договорот и ги раздвоила патиштата, а тоа многу говолело за нивниот политички морал. Гаши алармира дека владејаќката партија не само што ги загрозила европските перспективи, туку со овој потег ќе ги наруши меѓуетничките односи.

Ова говори многу, за жал, говори лошо, за нив и не само за нив како партија, како субјект на кој не му е гајле за раскинување договори и не ги почитува оние што му го спасија животот, туку ова говори многу лошо и за земјата која цели кон европските вредности. Ако СДСМ оцени дека европските стандарди се кршење на договорите, ова е многу лоша вест за Македонија.

Ковачевски од неговото конто изгуби тројца пратеници. А колку ќе тежи владејачкото мнозинство ќе се знае утре. Довербата е нарушена и кај фракцијата на ДУИ, а се поизвесно е дека ниту Павле Трајанов од Демократски сојуз нема да го поддржи реконструираниот кабинет.

И гостиварскиот огранок на интегративците ги повикува пратениците да гласаат против реконструкција на владата и да си ги преслушаат своите ветувања во изборната кампања во 2020 година. Саранда Имери, секретар за еднакви можности, остро реагираше за разрешувањето на заменик министерот за одбрана, Башким Хасани. Тој воопшто не бил информиран дека ќе биде сменет.

Од мене не беше побарано да дадам оставка. Мене никој не ме праша за оваа состојба. Претпоставувам дека, причината за моето разрешување е јасно искажаното незадоволство од првиот вицепремиер Артан Груби. Но, нема да побарам образложение од Ахмети – ни одговори кратко, Башким Хасани од ДУИ.

Иако Ковачевски предложи разрешување на кадрите на Алтернатива, без да ја почека нивната конечна одлука за останување или напуштање на владината коалиција, од СДСМ вчера му порачаа на Гаши дека вратата за соработка е отворена и понатаму. Сепак првиот човек на Алтернатива не можеше да помине преку, како што рече, потценувачкиот однос на Димитар Ковачевски, кон се што направиле последниве 12 месеци.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста