Опозицијата и експертите бараат Владата да се преиспита што направи со цените, таа си ја брани одлуката

Опозицијата и експертите бараат Владата да се преиспита што направи со цените, таа си ја брани одлуката

ВМРО-ДПМЕ бара Власта да свика итна седница и да ја корегира одлуката за листата на производи со зголемен данок на додадена вредност. Најголемата опозициска партија која уште во старт беше гласно против планот на власта предупредува од огромни, милионски штети на грбот на стопанството и граѓаните. Власта пак, очекувано си се правда. На пример, министерот Фатмир Битиќи вели дека мастиките, чипсот и сладоледот поскапеле оти биле штетни да се конзумираат. Експертите се на иста линија со опозицијата, бараат Владата да се преиспита што направи.

Власта да свика итна седница и да ја корегира одлуката за листата на производи со зголемен данок на додадена вредност, бара ВМРО-ДПМНЕ. Најголемата опозициска партија од старт беше против планот на власта кој сам по себе ќе повлече огромни, милионски штети кои би паднале врз грбот на граѓаните и стопанството. Бараат сите производи кои се дел од секојдневната употреба да се вратат на стапка од 5% ДДВ, неместо сегашните 10%.

  • Власта на ДУИ и СДСМ е штетна за граѓаните, штетна за стопанството, штетна за државата. Секој ден со овие две партии е трагикомедија. Најновата претстава од Илинденска број 2 е поврзана со цените на прехранбените производи. Имено, во текот на минатата недела, поточно во четвртокот Владата ја донесе листата на производи кои треба да се оданочуваат со 10% ДДВ наместо 5%. Тоа е трагичниот дел, затоа што во услови на највисока инфлација во изминатите децении, Власта го покачува данокот за 100%. Сега ќе ви го кажам и комичниот дел. Во листата на производи што од денес ќе биде со 10% наместо 5% ДДВ се наоѓаат и прехранбени производи кои се со замрзнати цени до 30 ноември оваа година, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Власта се правда. Според вицепремиерот за економски прашања дел од производите како чипсот, мастиките и сладоледот поскапеле зашто биле штетни за граѓаните. Рече дека била можна корекција за која од следната недела ќе се разговарало на владина седница.

  • Таму е дефинирано, за разлика од претходното дефинирање во законот, до детали кои сè продукти спаѓаат во повластената даночна стапка од 5 отсто. И, понатаму, на страница 46 од одлуката се вели повластената стапка од данокот на додадената вредност се применува врз прометот на следните услуги. Има вкупно 358 продукти или царински тарифи со одредени продукти што спаѓаат во новата стапка од 10 отсто“, рече Битиќи.

Тој објасни дека ако има некакви пропусти, на следната седница на Владата ќе бидат решени.

  • Ако трговците и производителите поинаку ја прочитале или не е доволно јасна, некој не знае дали, на пример, кравјото сирење треба да влезе во 5 или 10 отсто, можеме да објасниме и на следната владина седница такви пропусти, ако има, да ги решиме. Мора да кажеме што е тоа што сметаме дека треба да го стимулираме. Граѓаните имаат навики за храна, но одредени продукти, ако во овој момент сметаме дека треба да бидат во стапката од 10 отсто, оставаме простор да се ревидира ако тоа е дел од секојдневната исхрана на граѓаните. Сметам дека може да има поинакво толкување на одредени царински стапки, на одредени продукти, затоа што не е целосно јасно“, вели тој.

Дека не требаше гарантираните цени да поскапат, реагираат економистите. Според даночниот експерт Павле Гацов многу поважно е да се заузда сивата економија, отколку да се поскапува храната. Очекува Владата да ја корегира оваа одлука. Вели поскапо да се даночат производите кои навистина се лукзузни како месо од ајкула, сирењето со мувла, октоподите, скапите печурки итн, а тука да не влегуваат оние производи кои постојано ги купуваат граѓаните.

Гацов на денешната конференција пред почетокот на денешната дебата „Ефектите на финансиската и енергетската криза врз политиките и граѓаните“ посочи дека очекува во најскоро време да се случат промени во одлуката.

  • Очекувам за брзо време, бидејќи одлуката од денеска е во сила, да се случат промени во одлуката и беше најавена промена, веројатно вторник или среда ќе биде објавена измена што ќе ги прифати овие некои производи што наводно се луксузни, а не се, зборувам за основни прехрамбени производи или оние што се во групата на гарантирани цени кои, исто така се опфатени делумно со ова зголемување од 5 на 10 проценти, рече Гацов.

Инаку, Владата по итна постапка го донесе законот за поскапо ДДВ, но листата производи ја криеше. Тогаш кажаа дека ќе поскапеле само оние производи кои речиси се недостапни за граѓаните, ама сепак ваквата мерка силно удри по џебот на обичните граѓани.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )