Мичиген ја тргна прокламацијата за македонско наследство од веб-страницата, бугарскиот конзул во Чикаго се жалел

Мичиген ја тргна прокламацијата за македонско наследство од веб-страницата, бугарскиот конзул во Чикаго се жалел

Генералниот конзул на Република Бугарија во Чикаго Светослав Станков, испратил писмо до канцеларијата на гувернерката на Мичиген Гречен Витмер, во кое реагира за прогласувањето на септември оваа година за месец на македонско-американското наследство во оваа сојузна држава, објави ВОА.

Тој бара средба со нејзиниот тим за да се најде решение за заштита на наследството на македонско-бугарската заедница во Мичиген, оти, како што вели, растела загриженоста дека прокламацијата ќе се искористи „за унапредување на себичните цели на северномакедонските националисти, вклучително и за културно присвојување на наследството на бугарските Американци“.

Во прокламацијата минатиот месец Витмер напиша дека е важно да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци, кои придонесуваат за американската култура преку „бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и бројни други области“.

Прокламацијата повеќе не може да се најде на веб-страницата на гувернерката Витмер.

„Прво би го истакнал добро познатиот факт дека Македонија е географски регион, кој спаѓа во територијата на четири различни суверени држави: Бугарија, Грција, Албанија и Северна Македонија (поранешна југословенска република, независна од 1991 година). Терминот „македонски“ немаше и не може да носи никаква референца на конкретнa македонскa етничка група во годините пред 1944 година“, се вели во писмото.

Станков вели дека тој и бугарската заедница во САД се загрижени оти прокламацијата навела дека над половина милион Американци со македонско потекло живеат во САД, без да ја прецизира нивната етничка припадност или периодот на пристигнување во САД.

Според него, таквата „генерализација без извори ги храни културните обиди за присвојување на современите северномакедонски националисти“.

Тој објаснува и дека по „комунистичкото преземање на Југославија по 1944 година, комунистичката власт насилно промовираше нова македонска етничката припадност со цел да се обезбеди социјална и политичка кохезија. Прекувремено, дел од населението го прифати овој идентитет“.

Гласот на Америка на македонски побара коментар за писмото и од бугарскиот конзул Станков и од гувернерката на Мичиген, но до објавување на текстот не добивме одговор.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), на чија иницијатива беше донесена прокламацијата, рече дека ќе бара заштита од ФБИ поради притисокот од бугарската влада.

„Денес поднесов жалба до ФБИ за транснационална репресија против бугарскиот генерален конзул во Чикаго Светослав Станков. Тој ме напаѓа лично мене и другите членови на Обединетата македонска дијаспора врз основа на нашиот етнички идентитет, вклучително и вербални напади врз лица на македонски настани. Ова е тактика на бугарскиот режим да ги замолчи Македонците во странство, особено во САД, и ние нема да го дозволиме тоа“, изјави за Гласот на Америка на македонски коосновачот и волонтерски претседател на ОМД Методија А. Колоски.

Освен Мичиген, септември 2023 година беше прогласен за месец на македонската култура во САД и во сојузната држава Илиноис, како и во градот Чикаго.

Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс, пак, го прогласи 16 септември за ден на македонското наследство.

Во јули, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон, претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )