Македонија одбележува 120 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев

Мирно и без тензии помина чествувањето на 120 годишнината од смртта на македонскиот национален херој. Освен претставници од бугарската амбасада, ниту една делегација од Бугарија не дојде на вечното почивалиште на Гоце Делчев. Црквата св.Спас и денеска како на 4 февруари беше под полициска опсада, но сликата беше далеку поразлична од денот кога се одбележуваа 151 година од неговото раѓање. Изутрината во чест на Делчев се одржа Панихида.

Делегации предводени од претседателот, министерот за внатрешни работи и потпретседателот на Собранието како и претставници на политички партии оддадоа почит, но не дадоа изјави за медиуми. Нивниот пример го следеше и бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов.

Гоце е Македонија и мора да продолжи идејата за разбирање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите, велат граѓаните, историчарите, претставниците на македонски здруженија.

Tиранија и лошо владеење не одговара никому, така да неговата идеја за културен натпревар меѓу народите држи и денеска – рече универзитетскиот професор на Институтот за историја, Александар Атанасовски.

Ние потомците треба да го зачуваме неговото дело – рече претседателот на Форумот за човекови права на Македонците во Егејскиот дел на Македонија.

Гоце се борел за денеска ние да живееме – рече еден граѓанин.

Според Договорот за добрососедство, Македонија и Бугарија треба заедно да го чествуваат ликот и делото на Делчев. Обидите за заеднички прослави како да паднаа во сенка по тензичната атмосфера на 4 февруари, кога чествувањето помина под засилени безбедносни мерки поради огромните провокации од Бугарија но и обидот на бугарски државјани физички да се пресметаат со полицијата на Деве Баир.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста