Кој ќе седне на обвинителна клупа за скандалот на Онкологија? – Расте притисокот од јавноста

Ќе седнат ли на обвинителна клупа поранешниот министер за здравство Венко Филипче и директорот на Онкологија, Нино Васев? Поранешни пациенти и роднини  бараат Обвинителството да ја прошири истрагата и да ја провера инволвираноста на екс – министер и директорот. Расте револтот кај граѓаните што Обвинителството се уште ја нема финиширано предистрагата за грозоморниот скандал.

  • Нашиот молк за сите неправди беше искористен од страна на надлежните дека можат да бидат адвокати на злосторниците. Во врска со ситуацијата, кога правдата не е задоволена, кога криминалот и корупцијата се длабоко навлезени во секоја пора, до степен да се убива без трошка совест, протестите се единствено решение со кои бараме истрага за инволвираност на поранешниот министер Венко Филипче, и директорот Нино Васев, проширување на истрагата…“ вели Александар Кочоски, роднина на пациент на Онкологија.

Во меѓувреме, во јавноста се обелодени дека починатите пациенти во домашни услови не биле регистрирани на Онкологија, а притоа за нив се издавала терапија. Иако на два системи – „Мој термин“ и „Ултра“ се водела евидениција, во ниту еден не биле внесени вистинските податоци со години. Пациенти и нивни блиски се сомневаат дека системскиот пропуст бил намерен.

Скопското обвинителство во изминативе две недели дава само скромни информации за предистрагата за скандалот кој ја крена јавноста на нозе.  Досега информираше дека е обезбеден обемен доказен материјал и документација од Онкологија, а 20-мина пациенти доброволно се пријавиле да кажат свои сознанија. Првичните наоди упатуваат на сомнежи за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за онкологија.

Граѓаните трет пат по ред излегуваат на протест. Освен брза разрешница за Онкологија, се бара одговорност од виновниците за пожарот во тетовската модуларна болница каде живи изгореа 14 пациенти и нивни роднини, но и одговорност од Обвинителството кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста