Катастрофална енергетска и инфраструктурна состојба

Рекордни капитални инвестиции, но само на хартија. Никој не верува дека годинава ќе се изградат патишта, болници, училишта, вредни 800 милиони евра. На два дена до крајот на 2022-та, беа реализирани 88% од капиталните проекти или 464 милиони евра. Сепак, ова се скратените пари со ребалансот. Првичниот план беше да се потрошат 600 милиони евра. Аналитичарите критикуваат – администрацијата нема капацитет за изработка и финиширање на крупни инфраструктурни проекти.

На катастрофалното ниво на капитални инвестиции реагира и опозицијата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вели дека најголем дел од парите за капитални расходи отишле на набавка на оклопни возила, додека истовремено нема изградено ниту еден километар автопат, а не се завршени ни ветените проекти во железничкиот сообраќај. Обвинува дека власта се задолжува, но финансиите не завршуваат во капитални инвестиции кои носат додадена вредност.

Мицкоски реагира и на лошата финансиска состојба во која се наоѓаат државните електрани. Според него, договорите во четири очи и наместените тендери довеле до тоа ЕСМ од профитабилно претпријатие да стане загубар. И покрај тоа што финансиската инјекција од буџетот достигна и 200 милиони евра лани, немало доволно домашно производство, а увозот на струја само во последните два месеци од 2022-та достигнал 45 милиони евра.

„За само 5 години го направија најголем загубар, и ако ме прашате зошто тоа така, бидејќи договараат тендери во четири очи, затоа што крадат. Крадат на увозот на јаглен и транспортот на истиот, крадат на уозото на мазут и транспортот на истиот, крадат на тендерите и ископ на јаглен и јеловина. И сето тоа предизвикува да денеска ЕЛЕМ, односно ЕСМ се најде во ваква состојба“ – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Лошите состојби во енергетиката се видливи на терен. Термоелектраната Осломеј по само два дена од последното исклучување од вчера е надвор од мрежа, а никако да профункционира ниту третиот блок во РЕК Битола и покрај набавката на потребниот трансформатор. Првичното ветување третиот блок да биде приклучен на мрежа на стартот на грејната сезона не се оствари. Честите дефекти на застарените термоцентрали придонесоа енергетските капацитети никогаш да не профункционираат со 100% капацитет. И оваа година ЕСМ нема да се спаси без буџетска интервенција која може да достигне и 250 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста