Македонија дише на „шкрги“ – маглата малку попушти, загаденоста останува на високо ниво, власта чека да задува

Македонија дише на шкрги. Иако маглата во дел од градовите малку попушти, сепак загадувањето на воздухот е во енормни граници. Главниот град Скопје останува еден од најзагадените градови во светот, односно на 14-то место. Пред македонската метропола на листата се наоѓаат градови од Кина, Индија, а од регионот пред Скопје се само Сараево и Приштина.

Македонија, но и Скопје и натаму се дават во смог и густа магла, која иако во дел од градовите малку попушти, сепак мерните станици покажуваат зголемено присуство на штетните честички во воздухот и до 10 пати над дозволената граница. Мерки и натаму нема ни за лек, а од Инстутутот за јавно здравје дадоа само препораки до граѓаните за заштита од аерозагадувањето. Советуваат лицата со респираторни проблеми да не излегуваат ако немаат потреба, посебно бремените жени, лицата со хронични заболувања, пациенти со астма, луѓе кои работат на отворено.

Еко активистите по кој знае кој пат алармираат дека состојбата кај нас не чини, и дека државата мора сега и веднаш да изнајде начин како да се ублажи алармантната состојба која го труе народот.

  • Ова е веќе неподносливо, ние алармираме дека мора да има ефикасни мерки, а не само да се каже да не се излегува, мора да се делува сега, тоа е за доброто на сите. Ова што сега го гледаме се само препораки и ништо повеќе, вели меѓу другото за Алфа еко активистот Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“.

И додека надлежните алармираат дека состојбата е загрижувачка, граѓаните кои сакаа да видат сонце и да подишат почист воздух побегнаа на Водно.

  • Овде фала му на Бога се дише, за разлика од доле каде е страшно. Мислам дека тука може малку да здивнеме, велат граѓани кои се качија на Водно.

Загадениот воздух силно удрира по најмладите, кои и тие спасот го бараат на врвот од планината. Велат дека надлежните, мора сериозно да поработат на решавање на овој проблем.

  • Ова е катастрофа. Мора нешто да се направи, зашто ќе биде многу лошо за сите, мора да се покаже сериозност, зашто ова веќе не плаши сите, велат помалдите.

За возење со скопската жичница имаше голема редица. Граѓаните со душа чекаа да се качат горе. Како со жичницата одиме на горе, така како да се возиме во друг град, каде ја нема густата магла која силно натежната над Скопје.

Скопје веќе неколку дена по ред е под густа магла која е во комбинација со аерозагадувањето. Вака изгледа Скопје од врвот на Водно.

Ако се погледне од тука од врвот на планината, тешко дека ќе се види главниот град, а сега најново е што не може да се видат ниту висококатниците на Џевахир во скопски Аеродром.

И додека екологистите алармираат, Скопје и натаму е еден од најзагадените градови во светот. Страницата „Ај Кју Ер“,објави дека главниот град на Македонија се наоѓа на високото 14-то место на листата со најзагадени градови. Освен во Скопје, загаденоста е висока во речиси сите поголеми македонски градови, како што се Тетово, Гостивар, Битола, Струмица и Прилеп.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста