И по седум години од „Диво насеље“, никој не понесе политичка одговорност!

Седум години од крвавата вооружена пресметка со албанските терористи во кумановско „Диво Насеље“ каде животот го загубија осум македонски полицајци, припадници на Единицата за специјални задачи „Тигри“. Помеѓу нив и 27-годишниот Ненад Серафимовски, по татко од с. Зубавце, гостиварско, а по мајка од Прилеп.

Чувството е перетешко, не можеме никогаш да го заборавиме. Не ни е јасно како дојде до таа ситуација да го изгубиме толку млад, не само него, туку и другите што беа со него. Тие беа многу млади, имаа живот пред себе. Треба некој голема одговорност да понесе“, – ни изјави за Алфа, Сузана Џуракова, тетка на Ненад Серафимосвски.

Роднините на Ненад, на третата годишнина од неговото загинување, со сопствени средства, му подигнаа споменик во Прилеп, за, како што велат, да имаат каде да се исплачат, а и да му оддадат почит. „Имаме каде да дојдеме, да положиме цвеќе, да го посетиме, да си ја ублажиме барем малку болката, ако тоа воопшто е возможно“, со солзи во очите вели неговата тетка Сузана.

По повод трагичната годишнина, на неговото спомен-обележје, освен роднините, денеска цвеќе положи и делегација од општина Прилеп, предводена од градоначалникот Борче Јовчески.

Животите на 9-ти мај 2015 ги дадоа за одбрана на татковината и беа на службена должност и сметам дека ова е најмалку што може ние како општина, односно како Совет на општина Прилеп да направиме. Сепак сме 21 век и мислам дека сите отворени прашања можат да се решат на зелена маса, односно по мирен пат, а не со вакви безобразни напади врз безбедносните сили на нашата татковина“, изјави Дејан Проданоски, претседател на Советот на општина Прилеп.

Инаку, за овој трагичен настан,  во 2017 година прогласени за виновни беа 33 лица, од кои седум добија доживотна робија, 13 беа осудени на 40 години затвор, шестмина по 20 години, а останатите добија од 12 до 18 години затвор. Вооружената претрелка траеше повеќе од 20 часа, во која животот го загубија осум македонски „тигри“, а беа убиени 10 членови од вооружената албанска терористичка група. Досега, никој од политичките функционери, нема понесено никаква политичка одговорност.

                                                                                           Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста