Како да се запре галопирачката инфлација – експертите критикуваат и предупредуваат да нема популизам

Инфлацијата галопирачки расте нагоре и во април достигна 10,5%, највисоко ниво во последниве 28 години. Граѓаните одамна не паметат двоцифрени стапки на пораст на трошоците на живот, па загриженоста очекувано драстично се зголеми. Аналитичарите предупредуваат  – Владата и Централната банка мора координираано да дејствуваат преку мерки за да го стабилизираат колку толку поскапувањето на производите и падот на животниот стандард. Универзитетскиот професор Зоран Ивановски смета дека моменталните мерки не се доволни, бидејќи притисоците доаѓаат однадвор. Според него, основната камата може да претрпи нагорни корекции, но Народната банка нема толку голем простор за маневар како извршната власт.

„Овие инструменти не се доволни. Централната банка пристапи кон, би рекол, симболично покачување на основната каматна стапка и сметам дека во наредниот период ќе мора да размисли и за дополнителен пораст на основната камата, иако тоа влијае негативно кај активните корисници на кредити“ – вели Зоран Ивановски – универзитетски професор.

Креаторите на даночните политики треба да внимаваат борејќи се со инфлацијата, дополнително да не удрат врз економскиот раст. Ивановски не е поборник на зголемувањето на давачките во овој период, затоа што тој потег би ги погодил токму секторите кои најмногу го полнат буџетот. Според него, стагфлацијата е реална опасност, која може да предизвика дополнителни проблеми во економијата. Апелира до властите да избегнуваат популистички мерки, бидејќи наместо форсирање на сектори кои создаваат дополнителна вредност, креираат стопанство зависно од владини субвенции и помош.

„ За мене опасноста од стагфлација е реална и ја имаме инфлацијата „ante portas“. Поради тоа, јасно е дека мерките треба да бидат насочени кон поддршка на реалните инвестиции и тоа оние кои носат и влечат напред, односно обезбедуваат подинамичен економски раст“ – вели Ивановски.

Инфлацијата за само еден месец „скокна“ од 8,8% во март на 10 и пол отсто во април. Цените на основните продукти продолжија да растат и покрај мерките за ограничување на маржите на трговците и нула отсто ДДВ. Истото се случи и со горивата. По првичното поевтинување по намалувањето на ДДВ и акцизите, цените на нафтените деривати повторно се вивнаа нагоре. Податоците од Народната Банка покажуваат дека ова е највисоко ниво на инфлација од 1994-та година кога таа изнесувала 55%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста