Доцни сеидбата на оризот во кочанското поле

Повеќе од 300 хектари во атарот на село Чешиново не можат да се посеат со ориз. Иако нивите одамна се обработени, водата од системот не стигнува до нив. Тврдат дека се во таканаречено заложништво на оризарите од соседните села кои на нечесен начин, со кршење на каналетки ја пренасочувале водата од системот .

  • “Има неколку луѓе што не ги спремале површините и сега чекајки ги нив, спреманите ниви не можат да се посеат. За 300декари неспремани ниви, 300 хектари ќе останат непосеани“ изјави Мијалче Кузманов, оризопроизводител од с. Чешиново.
  • “Поголем срам не е било. Многу сме упропастени, нема што да жнееме оваа есен“вели Сане Јованов од с. Чешиново.

Во овој дел од кочанско поле, сеидбата касни речиси месец дена, па поради тоа трошоците и загубите кои оваа година ќе ги имаат земјоделците се огромни.

  • “Тука има 300 хектари и станува збор за огромна загуба. Само за нафта за еден декар се трошат 5литри, плус се прска, а оризот веќе ја губи вегетацијата“изјави Мики Ѓоргиев од село Чешиново.
  • “Лани нивата ја посеав на 25, ништо не излезе. Квалитетот беше многу слаб, никој не сакаше да го откупи. Сега нема потреба и да сееме, бидејќи одамна помина рокот за сеидба“ вели Роберт Постолов од село Чешиново.

Водата е пуштена, но со помал капацитет. Проблемот е стар со години, па потребно е ново решение, објаснува директорот на Водостопанство“Брегалница. По жолчната расправа помеѓу него и револтираните земјоделци за наредната година им вети нов цефковод .

  • “Проблемот се решава само со нов цефковод, Чешиново да не зависи од Спанчево. Ние во Водостопанство веќе размислуваме и работиме на тој проект, да се направи цефковод, со што трајно ќе се реши проблемот, кој не е од вчера“ изјави Благојчо Богатинов, директор на Водостопанство“Брегалница“.

Годинава со ориз во кочанско се посеани околу 4000 хектари.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста