Дали се менувале тендерските услови за коридорите 8 и 10-д за тендерот да го добие „Ептиса“?

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ  тврди дека биле менувани условите во тендерската постапка за надзор на Коридорите 8 и 10 за на крај „Ептиса“ да биде фирмата која ќе ги исполни и ќе го добие тендерот, иако според нивните  сознанија, во 2019 година  компанијата работела со загуба од 6.7 милиони евра, 2020 година со 6.9 милиони евра, а 2021 година со 8.5 милиони евра минус. Го повикаа Јавното обвинителство да реагира на како што велат овој корупциски скандал.

7 дена пред истекот на рокот за поднесување на понудите од страна на заинтересираните фирми за вршење на надзорот тежок 22 милиони евра, власта го продолжува рокот од 17.10.2022 на 25.10.2022, односно за цели 8 дена. Ова не е единствена измена, покрај продолжување на рокот за поднесување, е изменет и условот со кој се бара понудувачот да приложи Извештај за билансна состојба и податоци од биланси за 2019, 2020 и 2021 година, кои треба да бидат позитивни и да бидат издадена од странска реномирана институција, регистрирана за вршење на ревизија. Со измената се брише позитивни и се бараат само билансни состојби, но не и повторувам позитивни, туку тие може да бидат и негативни, т.е. фирмата која ќе го земе 22 милионскиот тендер за надзор владата смета дека може да биде и во загуба 3 финансиски години по ред – вели пратеникот Бојан Стојаноски.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто власта свесно го минира проектот за изградба на автопати  правејќи бизнис зделки со фирми кои се во загуба.  

Од Јавното претпријатие за државни патишта по прозивките на ВМРО-ДПМНЕ дека Ковачевски и Груби го наместиле тендерот, велат дека изборот поминал и на Управна контрола, а до Државната комисија за жалби по јавни набавки биле поднесени две жалби кои што Комисијата ги отфрлила.

Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас на 15.9.2022 година за избор на „Надзор и правен трансакциски советник за изгрaдба на Коридор 8 и Коридор 10, чие што отворање на понуди беше јавно и во присуство на медиуми.На тендерот беа доставени три понуди.

-INGEROP CONSEIL ET INGENIERIE“, Франција, како лидер на група понудувачи здружен со ЕГИС ИНТЕРНАЦИОНАЛ и МАТЕКА ИНЖЕНЕРИНГ ДОО.

-Друштвото „IRD ENGINEERING SRL“, Италија, како лидер на група понудувачи, здружен со EPTISA SERVICIOS DE INGENIERIA SL-Шпанија, ЕЛЕКТРА КОНСАЛТИНГ ДОО, Скопје и ЕВРОКОНСАЛТИНГ ДОО Скопје, како членови на група понудувачи.

-HIL INTERNATIONAL N.V. од Холандија како лидер на група понудувачи здружен со Градежен институт македонија АД Скопје како член на група понудувачи.

Постапката и изборот беа согласно сите законски и подзаконски акти за јавни набавки и транспарентни од самиот почеток – велат од ЈП за државни патишта.

Кон крајот на октомври минатата година, со присуство на премиерите на Македонија и Бугарија и со многу други гости, по којзнае кој пат, беше одбележан почетокот на изградба на две делници на Коридорот 8 со кои продолжува реализација на проектот кој започна пред 28 години.

Kоридор 8 — еден од десетте паневропски сообраќајни коридори, и го поврзува Јадранско Море со Црно Море преку Албанија, Македонија и Бугарија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста