Дали и парното ќе стане луксуз? надлежните уште се натегаат за топловодот на „Беласица“

Дали и парното ќе стане луксуз? надлежните уште се натегаат за топловодот на „Беласица“

На само осум дена пред стартот на новата грејна сезона, ЕСМ и Град Скопје се уште се натегаат кој треба да го монтира новиот топловод на мостот Беласица. Ниту од градот ниту од ЕСМ нема конкретен одговор кога конечно ќе се постават новите цевки за да може целосно да се користи топлинската енергија од ТЕТО, која е три пати поевтина од онаа на другите топлани. Без цевководот, граѓаните ќе бидат под закана да добијат драстично повисоки сметки, оти трошоците на ЕСМ ќе се зголемат. Но првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика предупредува дека тоа нема да се случи, оти нема да дозволат корекција на цената додека не се најде решение за проблемот. 

– И да не работи ТЕ-ТО, тоа ќе биде проблем на ЕСМ, и нема тоа да биде вкалкулирате во пресметките. Ако носиме одлука за цена дали е помал цевковод или поголем не не’ интересира. Ние во калкулациите ќе влеземе дека од ТЕ-ТО ќе се добие 60 до 70 проценти од топлинската енергија за да ја сочуваме ценовната стабилност. Зголемените трошоци во однос на тоа се разбира дека ќе си одат на тој којшто има проблеми да го реализира, посочи Бислимоски

До каде се преговорите и активностите околу промена на системот конкретни информации нема. Од Регулаторна уверуваат дека скопјани ќе имаат парно, дури и во услови цевководот да не профункционира. Но проблемот е кој ќе ги плати дополнителните трошоци во таков случај. Она што отовора дилеми е што за разлика од лани, цената на гасот годинава е поевтина, што само по себе наметнува и логично цената да биде корегирана во корист на граѓаните.

– Скопје ќе има парно греење, никогаш тоа не било доведено во прашање. Она на што инсистира РКЕ  е тоа да биде по далеку пониски трошоци и РКЕ од тоа нема да отстапи. Скопје и со постојната инфраструктура што ја има со двете топлани без кој било цевковод може да се снабдува со топлинска енергија и ќе нема никаков проблем во однос на снабдувањето со топлинска енергија. Поентата на сето тоа на што ние реагираме е што е можно повеќе топлинска енергија да ни дојде од ТЕ-ТО за да ги намалиме трошоците на целокупниот систем, рече Бислимоски.

На системот за парно греење  во Скопје се приклучени 63.000 домаќинства. Од нив најмногу 58.000 се на системот на ЕСМ или поранешен БЕГ, 1.900 на железарското парно и 400 домаќинства на Топлификација Север.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )