Дали е уништена целата архива – Вељаноски прашува каде е базата на податоците во Собранието?

Исчезна архивата со електронската база од пленарните седници, стенограмите и видео материјалите од 1991 до 2020 година, од сајтот на Собранието на Македонија, обвинува поранешниот претседател на Собранието Вељаноски. Тој информира дека упатил писмо до актуелниот спикер Талат Џафери и до сите пратенички групи во кое обвинува дека некој сака да ја врати институцијата 20 години наназад.

„Се губи отчетноста на пратениците пред своите гласачи, се губи најсилната алатка на медиумите за прибирање на многу податоци за работата на Собранието, сега и во минатото, пратениците губат можност за црпење на искуства од меморијата на работа и пракса на Собранието“, вели Трајко Велјановски, поранешен претседател на Собранието на РМ.

Во писмото поранешниот спикер образложува дека од 2009 та година Собранието го имало системот Е-парламент како еден од најдобрите на светот. Тој пишува дека една година заедно со македонска софтверска компанија го граделе, а целта била зголемување на транспарентноста на Собранието како и овозможување секој пратеник да има пристап за движењето на законите, и актите кои се во процедура. Од архивата на сајтот ги нема и сите пратенички состави и нивните биографски податоци за секој актуелен, но и поранешен пратеник.

Од Собранието добивме само кус одговор.

Се што сме информирани е од написите во медиумите. До г-дин Талат Џафери не е пристигнато никакво писмо. Кога ќе го добиеме писмото, ќе одговориме на истото, велат од Собрание на РМ.

Според Вељаноски, со исчезнувањето на електронската архива се губи транспарентноста и најголемата алатка на медиумите за прибирање на податоци како и можноста пратениците и академската јавност да црпат искуства од собраниските практики.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста