Влада на стаклени нозе: Ковачевски секој ден стравува дека може да остане без некој коалиционен партнер, проблем му е дури и ДУИ

Влада на стаклени нозе и со нестабилни темели. По се изгледа секој ден  Ковачевски стравува дека може да остане без некој коалиционен партнер, иако тврди дека Владата му била стабилна и имала 65 пратеници. Ама пораките од помалите негови партнери не се поткрепа на неговиот барем декларативен оптимизам. Неговата, барем до сега, верна коалициона партнерка од ДОМ, Морачанин последно му порача: ако не почнела процедурата за изгласување на една изборна единица и ако во Собранието не влезе законот за обновливи извори на енергија, тогаш во јуни ДОМ ја напушта Владата.  

-Ќе излеземе од Владата така е така е. Ние ја поддржавме реконструкцијата на Владата со јасни барања, бидејќи за нас овие прашања се суштински. А кога зборуваме пак за изборниот модел и тоа не е воопшто нешто ново и затоа и потсетувам и во минатиот состав на Парламентот дискутиравме за тоа, тоа беше наше барање и договор за поддршка на Владата во 2020-та после парламентарните. Така што тоа е нешто во континуитет се залага да се реализира, изјави Морачанин

И Стојанче Ангелов, иако неговата „Достоинство“ нема пратеници, постави услов пред да го напушти Ковачевски. Или Владата ќе ја исправи неправдата кон македонските бранители, што им ја нанесоа социјалдемократските пратеници по налог на колегите од ДУИ, или „Достоинство“ си оди од Владата.

-Повеќе од јасно е дека проблемот со неносење на законот, а и владината одлука се пречките кои што ги прави коалициониот парнтер на СДСМ, ДУИ. Како што реков во разговори со премиерот, кај премиерот Ковачевски постои добра волја, ова прашање да биде надминато, кај министрите за внатрешни работи и одбрана исто така постои добра волја за надминување на овој проблем, но според мене кочницата е во ДУИ, изјави Ангелов.

Павле Трајанов веќе го напушти владејачкото мнозинство. Причината беа политиките на власта кон Бугарија, а првиот човек на Демократскиот Сојуз сега обвинува и за обидите на Ковачевски да ги протурка со европско знаменце законите за Коридорите 8 и 10Д.

-Овие закони повеќе се за амнестија на Владата и на потписниците на договорот со Бехтел и Енка, отколку создавање услови за некаква побрза градба и создавање услови за некаква побрза градба. По два основа се кршат принципите на Европската Унија, прво заради нетранспарентниот процес и тука има силни укажување, бидејќи така се води постапката со директна спогодба, изјави Трајанов.

Ковачевски не стравува за стабилноста на Владата, вели ќе најдел решение за барањата на помалите партии. Инаку премиерот кој тврди дека уште 11 години ќе бил на функција има проблем и кај најсилниот коалионен партнер ДУИ. Таму прашање на ден е кога фракционерите ќе формираат нова партија, која нема да биде дел од владиното мнозинство.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста