Годинашниот „Тиквешки гроздобер“, полн погодок и за домаќините, и за неколкуте илјади посетители

Градот на грозјето и виното, на топлото гостопримство и средчноста, на традицијата, но и на модернизмот – Кавадарци, со годинашното издание на познатиот „Тиквешки гроздобер“, блесна во полн сјај. Како никогаш досега, со возобновувањето на некои стари тиквешки обичаи, помеѓу кои и „Тиквешкиот карневал“, но и со исклучително богатата и содржајна културно-забавна програма, „Гроздоберо“ примами неколку илјади посетители кои три дена уживаат во градската фешта.

Денеска го означуваме официјалниот почеток на Тиквешкиот гроздобер, односно почетокот на Тиквешкиот карневал кој е со традиција подолга од 60-тина години, и со мал прекин пред 20 години, пак е возобновен. И сега сме на едно високо ниво во делот на Карневалската асоцијација, односно во делот на европското здружение – ФЕЕК“, – изјави синоќа, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Во рамките на годинашниот Гроздобер, посетителите имаа можност, бесплатно да го посетат и „Винскиот музеј за регионот Тиквеш-Кавадарци“, кој е и единствен музеј од тој вид во Македонија. Неговата главна цел е да прибира, истражува, стручно и научно да обработува, да заштитува, да објавува и да презентира музејски предмети во делот на винарството и лозарството. Во Музејот се изложени 70 етнолошки предмети и 15 фотографии со историска содржина. А има и комерцијален дел на изложбени вина од сите комерцијални и семејни винарии во регионот. Музејските експонати се изложени на површина од 100 метри квадратни и сите се поврзани со преработката на вино и ракија од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век.

Посетеноста ни е одлична, така што се’ она што е традиционално и потекнува од општина Кавадарци и Тиквешијата, практикуваме да го задржиме и да ја подигнеме културата на пиењето на вино. И успеваме во тие работи. Ланските податоци се дека за три дена, кавадарчани и оние што доаѓаат во Кавадраци, пијат повеќе од 30.000 литри вино. Оваа година сакаме тој рекорд да го срушиме, но јас ќе повикам на одговорно пиење на алкохол“, – кажа градоначалникот Јанчев.

Годинашниот Тиквешки гроздобер, кој започна во петокот, завршува вечерва со настапот на балканската музичка ѕвезда Лепа Брена, а додека синоќа, пред неколкуилјаданата публика настапија Харис Џиновиќ и Халид Бешлиќ, како и многубројни македонски изведувачи од народната и забавната музика.

Каролина Дурло           

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста