ВМРО-ДПМНЕ: Димитар Ковачевски е воен дезертер од 2001та

Димитар Ковачевски е дезертер кој свесно избегнал служење војска во конфликтната 2001 година. Од ВМРО-ДПМНЕ обелоденија, како што велат, мега скандал кој докажува оти тој не е достоен да ја води државата. Според опозицијата причината поради која сегашниот премиер тогаш не служел воен е рок е „трајна неспособност“.

– „Го повикуваме дезертерот Ковачевски во рок од 24 часа да каже дали навистина избегал и дали е трајно неспособен, или лажел пред институциите и лекарите? Да излезе и да каже, во спротивно ќе објавиме се што имаме. Доколку е навистина трајно неспособен, тогаш мора веднаш да се повлече од премиерската позиција. Доколку дезертерот Ковачевски бил трајно неспособен да отслужува војска и да ја брани државата, тогаш како е способен да биде премиер? Дали на чело на владата имаме трајно неспособна личност и дали тоа е причината поради која Македонија е понижувана. Одговорност мора да има како за дезертерот Ковачевски, така и за целата СДС, коишто наместија трајно неспособна личност на чело на Владата. Дали Ковачевски е поставен за премиер, токму затоа што е трајно неспособен?“ – Изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ без конкретен одговор на прашањето дали нивниот партиски лидер служел војска или не и дали имал потврда за „трајна неспособност“. Од владејачката партија велат дека ова е само дефокус за јавноста.

– „Очигледно се обидуваат да го свртат вниманието со цел да не одговорат на она што граѓаните го очекуваат како одговори, односно која е улогата на шпицниот градоначалник во тендерот вреден 136 милиони евра и денеска преку измислици, преку воениот дезертер Ковачки, се обидуваат повторно да ја скриат вистината и да не даваат одговори на она што граѓаните го очекуваат и токму оттука ќе го повикам да даде одговори за тоа која е неговата улога во спорниот тендер и зошто веќе неколку дена Мицкоски молчи и не дава одговори на сите овие прашања“ – Одговори Дарко Каевски од СДСМ.

Инаку премиерот Димитар Ковчаевски, на прашање на Алфа уште во јануари годинава призна дека никогаш не бил дел од Армијата, но се правдаше дека тоа било поради неговите студии.

– „Јас кога завршив со студиите, потоа се запишав на магистерски студии и откако заврши целиот тој процес во државата веќе немаше служење на воен рок.“ – Одговори Ковачевски на 31.01

Инаку Димитар Ковчавески е роден во 1974-та, па првата покана за служење војска ја добил на 18 години односно во 1992-та. Законот тогаш дозволувал одложување на воениот рок поради студии. Тој дипломирал во 1998-та кога имал 24 години, а магистрирал во 2003-та.

Сепак, задолжителниот воен рок беше укинат дури неколку години подоцна, кога беше донесен законот за професионализација на Армијата.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста