Димески: Јас немаше да го оставам брат ми на клупа ако не верував во хуманоста на здравствените работници

„Како што прочитав во Посмртницата, а и како што ми протолкува лекар-специјалист, брат ми починал од откачен тромб кој завршил во белите дробови што предизвикало смрт. А тоа сигурно се случило оти му беше нагло прекината терапијата, а од која нему му зависеше животот. Затоа и се плашев да ризикувам и да си го земам. Затоа и го оставив. Сметав на хуманоста и знаењето на здравствените работници, а не вака да си замине како куче, оставен на клупа и тоа пред Болница“, – вели Зоран Димески, братот на вчера починатиот Горан.

„Јас да знаев дека вака ќе биде, дека никој нема да му посвети внимание и дека секретарката мене ме излажа дека ќе дојди ортопед, ни дојде ортопед, ни ништо, а Отпусна листа немам јас да видам кој му дал отпусна листа…Како починат, јас го оставив овде жив ?! Тој жив беше месец и 15 дена горе во собата во Ортопедско, сега преку ноќ – умре. Тој немаше, не му дадоа никаква терапија…Тотално немаше грижа, оти тие неоздравен го пуштија надвор, го исфрлија, едноставно“, – објаснува Зоран Димески.

Зоран  не крие дека неговиот брат, за жал, отсекогаш имал поинакви животни навики. Затоа и станал бездомник, а не од што семејството се откажало од него. Но, кога се разболел пред неколку месеци, семејството пак си ја презело грижата, колку што било во можност. „Мене не ми требаат ни пари, ни ствари, ни цент од смртта на брат ми. Само сакам правда“, дециден е Зоран.

Според извесни социјални работници пак, со богато професионално искуство зад себе, ваквите случаи требало да имаат поинаков, општествен третман. Имено, државата требало да се погрижи за ваквите лица да има обезбедено првичен постојан 24-часовен сместувачки капацитет, макар и само една соба, на пример во Старскиот дом, ако веќе не во Болницата, каде би биле згрижени најмногу до 48 часа, односно додека надлежните служби, координирано не ги преземат потребните мерки за нивна соодветна понатамошна грижа. Во спротивно, во вакви околности, без отпусна листа, со тешка дијагноза и со отворени рани, пациентот не смеел да биде згрижен ниту во Старскиот дом, ниту пак да биде преземен од семејството, освен ако семејството потпише дека ја презема одговорноста за исходот.

Вчера починатиот 51-годишен Горан Димески, по направената обдукција, беше погребан денеска. Резултатите од обдукцијата ќе треба да откријат од што точно тој починал. Од Болницата вчера изјавија дека Горан ја добил сета потребна здравствена грижа, дури и подолго од што било потребно, а семејството веќе ангажирало адвокат.   

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста