Власта си игра со нервите на пензионерите

И по 45 дена од протестите на пензионерите, власта се уште дебатира но е и без конкретни мерки за подобрување на социјалниот статус на граѓаните од третата доба. Министерката за труд и социјала се надева дека по утрениот состанок на работната група конечно ќе излезат одредени предлози кои ќе бидат презентирани пред јавноста.

„Сега сите институции дебатираат по она то е реална состојба во државата. Се споделуваат во  работната група неопходните податоци за да можеме да пристапиме кон креирање на социјални мерки за пензионерите со ниски пензии. Така да очекувам до крајот на месецот да имаме и конкретни предлози кои ќе бидат претставени и пред медиумите и пред пензионерите„ изјави министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска.

Пензионерите од целата држава речиси месец и половина секојдневно протестираат по улиците, а истовремено бараат и оставка од Тренчевска. Тие не отстапуват од своето барање, линерално покачување од 3500денари. Владиниот предлог од 6% за нив е неприфатлив.

„Да видат сите надлежни во нашата држава, пред се министерството, Владата, Здружението на пензионери, дека нашето незадоволство го изразуваме на ваков начин. Досега не наидовме на разбирање.  Не сакаме покачување од 6%, туку бараме линеарно зголемување од 3.500 денари на сите пензионери„ изјави Трајче Стаменов, пензионер од Свети Николе.  

„Зошто не се солидарни и да речат за овој народ ќе дадеме по една наша плата. По 30.000 евра што земаат да дадат на овој народ што стои овде на улица. Да им помогнат, да не се по улиците„ порача Благој Цветков, пензионер од Свети Николе.

Во Македонија има над 330.000 пензионери, а една третина од нив месецот го преживуваат со минимална пензија  помала од 12.000 денари. Во среда нивното незадоволство ќе кулминира со масовен протест во Скопје кадето се очекува да пристигнат над 100.000 пензионери од целата држава.

Александра Ристесвска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста