Бурно во СДСМ: Ковачевски сака нов шеф во МВР- ќе „изгори“ ли Спасовски во внатрепартиските битки?!

Дали внатрепартските битки ќе го изгорат Оливер Спасовски? Неофицијално се разгорува битката меѓу фракциите во СДСМ. Веќе подолго време се шпекулира дека за врвот на владејачката партија свои амбиции имаат повеќе крила предводени од повеќе видни партиски лица. Едно на премиерот Димитар Ковачевски, друго на поранешниот премиер Зоран Заев заедно со Венко Филипче, трето на Миле Зечевиќ поддржан Бранко Црвенковски и четврто на Оливер Спасовски.

Во јавноста гласно се говори дека една голема битка веќе доби Зечевиќ, онаа за директорското место во АНБ, но и дека две други уште поголеми се во тек. Едната би можела да значи смена на Оливер Спасовски од министерското место во МВР, што според шпекулациите е желба на премиерот Димитар Ковачевски. Според неофицијалните информации тој сакал нов шеф на полицијата да биде, заменик министерот за финансии, Филип Николовски.   

Во овој план шефот на Илинденска имал поддршка и од Зечевиќ, кој сакал партијата да ја исчисти од сите кадри поставени од Заев. Поранешниот премиер пак сакал да направи пуч со цел да го сруши Ковачевски од врвот на партијата и премерската позиција, за што бил спремен да поддржи и предвремени парламентарни избори. Сепак Заев барем официјално ги демантираше овие информации, немал повеќе амбиции да се враќа во политиката.

-Во повеќе наврати изминатиот период кажав дека немам политички амбиции и би сакал уште еднаш да ги демантирам ваквите инсинуации за мое повторно политичко ангажирање. Јас нема да поднесам ниту ќе прифатам кандидатура за Претседател на државата… Јас никогаш нема ниту да помислам да го делам СДСМ, ниту да правам некаков си измислен пуч во СДСМ или било што слично, напиша Заев на Фејсбук.

Околу овие шпекулации кои подолго време ги има во јавноста за став прашавме и во владејачката партија, но од таму молк. Инаку, внатрепартиските битки не се никаква новост во СДСМ. Поради нив веќе дел од партијата не е кумановски градоначалник Максим Димитриевски, а целосно на страна од важните партиски случувања се ставени видни партиски ликови, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста