Аларм: Повеќе од 1/4 од граѓаните на Македонија до крајот на годинава ќе западнат во сиромаштија

Аларм: Повеќе од 1/4 од граѓаните на Македонија до крајот на годинава ќе западнат во сиромаштија

Македонските граѓани живуркаат или се обидуваат да преживеат во време на скапотија. Повеќе од една четвртина од луѓето се очекува да западнат во сиромаштија до крајот на годинава, зашто државата никако да ги покачи платите на работнците, кои мака мачат со бранот поскапувања. Според економските експерти над 510.000 граѓани живеат со 60, односно со помалку од 200 денари на ден, пари што не стигнуваат за леб и млеко, а камо ли за други трошоци.

  • До крајот на 2023 година ние би имале вкупно 510.000 граѓани што се во умерена сиромаштија. Тука спаѓаат сите што имаат помалку од 200 денари на ден, што значи повеќе од четвртина од државата ќе имаат само за преживување, истакна економскиот истражувач проф. д-р Бранимир Јовановиќ на панел – дискусија на тема „Достоинствен живот или преживување?“.

Во анализата направена е проценка за два вида сиромаштија – екстремна и умерена. Во екстремна сиромаштија спаѓаат оние кои живеат со помалку од 60 денари на ден, а во умерена сиромаштија се луѓе што живеат со помалку од 200 денари на ден.

  • Резултатите од анализата покажуваат дека екстремната сиромаштија, како последица на оваа криза, ќе порасне за помеѓу 12.000 лица и 28.000 лица, што изнесува помеѓу 20 и 50 отсто зголемување во однос на претходната состојба, затоа што пред кризата државата имала околу 56.000 луѓе што живеат во екстремна сиромаштија, истакна Јовановиќ.

Тој нагласи дека во умерената сиромаштија бројките се уште поголеми, односно таа ќе порасне за помеѓу 80.000 и 160.000 лица. Пред кризата таа бројка била околу 360 000 луѓе, сега според најновите податоци може да достигне до 510.000, рече тој. Неговите препораки се државата да ги замрзне цените и да ги држи замрзнати подолг временски период, да се спречи растот на цените и да се стави под контрола инфлацијата и паралелно со тоа да се зголемат сите примања на луѓето.

  • Со ова нема да се намали тој број. Бројот на сиромашни драстично ќе порасне, но барем малку да се ублажи, порача Јовановиќ.

Ако власта не стави прст на чело и не преземе реални, а не само козметички мерки, сиромаштијата уште повеќе ќе се зголемува, алармираат од Сојузот на синдикати. Според нив, ниту две минимални плати се недоволни за подмирување на основната потрошувачка кошничка.

На панел – дискусијата присуствуваше и потпретседателот на Советот на ССМ, Иван Пешевски, кој истакна дека она што години наназад е видливо е дека платите статистички растат, меѓутоа со тоа расте и ситромаштијата, со тоа што се повеќе граѓаните ја губат куповната моќ.

  • Мојот апел е да се вратат парите на работниците ако сакаме да нема повеќе сиромаштија во државата, односно не бараме кратење на 78 посто од платата на функционерите, туку за тој процент да се зголеми и платата на работниците, истакна Пешевски.

На прашањето Дали се живее или само се преживува, од Владата велат дека тоа било индивидуално.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека со сиромаштијата не се соочуваме само ние, туку и останатите земји во светот.

  • Денеска е јасно дека доколку за време на последниве три кризни години, пост-ковид, енергетска и економска криза, Владата не ги спроведеше мерките кои ги спроведовме за заштита на стандардот на најранливите групи, а потоа и зачувување на работните места, денеска ќе имавме полоша слика, изјави тој.

Ама затоа, вицепремиерот се пофали дека за разлика од неговите колеги, тој не носел брендирана гардероба.

Според синдикалните пресметки, 120.000 граѓани не добиваат ниту половина од потребното за основните трошоци, односно се на минималец. За септември биле неопходни блзу 50.000 денари за едно семејство, пари што добар дел од граѓаните може само да ги сонуваат.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )