МНР молчи, Димитров се правда – нема одговор како може да исчезне оригиналниот протокол од архивите

Министерството за надворешни работи молчи и не дава одговор како е можно да исчезне од архивите првиот протокол потпишан со Бугарија. Нема информации кој ќе биде одговорен за тоа што фали толку важен државен документ на кој потписник е поранешниот министер Никола Димитров.

Дека оригиналниот меѓународен документ е изгубен од архивите призна МНР пред извесно време сакајќи да избегне одговор дали Македонија го признава 24 мај како Ден на Сесловенските просветители или – ден на Бугарската азбука, како што впрочем пишува во првиот протокол.

Екс министерот Никола Димитров, кој беше обвинет од неговиот наследник Османи, дека наводно тој го понел со себе откако го напушти Министерството за надворешни работи, вели дека приказната за наводно исчезнатиот протокол бил очаен обид за дефокус од новиот протокол чие исполнување стана услов и е дел од пристапниот процес.

Приказната за наводно исчезнатиот протокол од 2019 е очигледно очаен обид за дефокус од новиот протокол чие исполнување, за разлика од првиот, стана услов и е дел од пристапниот процес со ЕУ.Во мое време, архивата на Министерството и на кабинетот беше педантно водена. Ако навистина им се губат документи, веројатно треба да престанат со партизација на институцијата. Инаку, првиот протокол беше на одобрување и во владина процедура. Можат да го побараат и од владините служби – коментира за Алфа, поранешниот министер Никола Димитров.

Единствениот одговор кој јавноста го доби од Министерството за надворешни работи на оваа тема беше токму информацијата дека протоколот не можеле да го најдат во архивата, и поради тоа не можат да одговорат дали Македонија го признала 24 мај како ден на Ден на бугарското образование, култура и словенското писмо.

„Вашите забелешки се однесуваат на Протоколот од првиот состанок на меѓувладината комисија, потпишан на 10 јуни 2019 година кој, како што веќе сме информирале, не можевме да го најдеме во архивата на МНР и оттука не можеме да дадеме објаснување. Во вториот протокол таква формулација нема“ – претходно информираа до МНР.

Војната помеѓу поранешниот и актуелниот министер за надворешни работи почна уште летово, кога Османи се најде на удар на јавноста по потпишувањето на новиот протокол со Бугарија, а меѓу критичарите беше и неговиот претходник Димитров. Сакајќи  да и покаже на јавноста дека Никола Димитров правел штетни договори, Османи дури во една прилика, објави и фотокопија на документот кој го потпиша Димитров, алудирајќи на делот за договореното на историската комисија по однос на Цар Самоил и преименувањето на Илинденското Востание.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста