Скандалозна одлука на Џафери – експертите критикуваат за контроверзност и непродуктивност

Собранието е до толку девалвирано, што повеќе наликува на обложувалница или ранч од Дивиот запад. Талат Џафери не е уставен судија па да оценува дали нешто е во согласност со уставот или не. Референдумот е највисокиот акт на гласање и власта не смее да го спречи тоа. Бурни реакции од експертите по одлуката на собранискиот спикер да ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување на референдум против договорот со Бугарија.

Според аналитичарот Александар Кржаловски Уставот е јасен и дека ако ВМРО-ДПМНЕ собере 150.000 потписи, референдум мора да има, без разлика дали станува збор за меѓународен договор.

Ми личи дека е сосема неиздржана одлуката, бидејќи тој не е надлежен да цени дали иницијативата е уставна, си има Уставен суд, а ВМРО-ДПМНЕ најверојатно уште денеска ќе поднесе пријава со Уставен суд и ќе испадне дека не е неуставна. Ако опозицијата решила да има референдум тие ќе соберат 150 000 потписи, па нема да може да се отфрли иницијативата, дека во Уставот е предвидено за било кое прашање за кое ќе се соберат тие потписи без оглед дали тоа е за меѓународен договор, сепак тоа е највисокиот акт на гласање – изјави Александар Кржаловски, аналитичар и директор на Македонски центар за меѓународна соработка.

Одлуката на Џафери е контроверзна и поради членовите од Уставот на кој се повикува, односно Членот 8 за почитување на меѓународното право. Таму се зборува за општо прифатените норми, а не поединечни билатерални договори, а се прескокнува дека истиот тој договор и особено последиците од него кои нѐ доведоа до т.н. Француски предлог, прекршува барем половина од тие темелни вредности наведени во истиот тој член 8 од Уставот. Така што, вели Кржаловски, одлуката на Џафери е неиздржана и може да биде оспорена пред Уставниот суд.

Aко се опстои на оваа одлука, ако е воопшто можна ваква одлука на Џафери, или се оспори на Уставен суд може да се оди со истото прашање или ќе се промени во некоја друга форма, ама ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со иницијативата. И не треба да губиме време, ако се сака да се оди на референдум власта не смее да го спречи тоа – вели Кржаловски.

Во одговорот на Џафери, кој јавноста го чекаше пет дена по поднесувањето на Иницијативата за Референдум,тој се повика на член 118 од Уставот дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат. Иако барањето на опозицијата не се однесуваше на барање да се смени некаков меѓународен договор туку да престане да важи Законот за ратификација, со што, ако се одржи Референдум и граѓаните гласаат ЗА, Договорoт за добрососедство и пријателство би бил ништовен, а не изменет.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста