Буџетот на општина Прилеп за 2023-та, пократок за еден милион евра заради лошото работење на претходната локална власт

Буџетот на општина Прилеп за 2023 година кој беше донесен на два дена пред новата година ќе тежи 1.520.704.000 денари и е скратен за повеќе од еден милион евра од првично проектираното. Причина, лошото работење на претходната локална власт во 2019, 2020 и 2021 година, чиј просек од завршните сметки се зема како рамка во која смее да се креира новиот буџет. Ова, секако дека ќе има негативен фитбек врз реализацијата на зацртаните проекти, но актуелната власт уверува дека биле направени максимални напори за штетата да биде сведена на минимум и буџетот сепак да биде развоен и во корист на граѓаните.

  „Ова е резултат на вкупното работење или неработење на ЛС во тие три години кои што се земаат за просек. Што значи дека неочекува една сериозна година со многу предизвици, но она што беше ветено кон нашите сограѓани ние успеавме да најдеме начин да го вклопиме во Буџетот за 2023 година, иако е поскромен и со помалку можности. 170 милиони денари отпаѓаат на капитални расходи што би значело дека за оние проекти кои што ги ветивме, односно ги ставивме во развојаната програма, има обезбедено средства“, – вели Дејан Проданоски, претседател на Советот на општина Прилеп.

   И покрај вината што ја имаат за актуелната финасиска состојба, сепак вака скроениот Буџет не им се допаднал на опозициските советници и тие гласале против, што според Проданоски, било своевиден преседан, контра интересите на граѓаните. 

  „Не се случило досега во Советот на општина Прилеп опозицијата да гласа против. И ние бевме опозиција и секогаш бевме воздражани или гласавме за буџетите на Општината, оти тие значат директно пари за граѓаните. Досега ова не се случило“, – посочува Дејан Проданоски.

   Инаку, општина Прилеп беше наследена со финансиска дупка од над 5 милиони евра. Досега, и покрај сеопштата криза, Општината, со домаќинското менаџирање и работење, веќе успеа да врати околу една третина од наследените долгови.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста