Зошто Заев бара формална пречка за да не помине Резолуцијата за црвените линии?

Бара ли премиерот Зоран Заев формална пречка за не носење на Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, за да има простор да се пазари со идентитетските прашања и точките од најголемо национално и државно значење… Откако најави дека нема да го прифати текстот ако на поднесениот документ не стои новото уставно име Република Северна Македонија, опозицијата реагира дека СДСМ бара причина за разединување, а тоа ги слабее позициите на Македонија во преговорите за бугарското вето.

А премиерот Заев брзо го менува ставот од убедливо дека ќе ја прифати Резолуцијата таква како што е, сега со нов став – немало да го крши Уставот. Ако на Резолуцијата со која треба да бидат поставени македонските црвени линии во преговорите со Бугарија не стои уставното име Република Северна Македонија СДСМ нема да ја даде поддршката.  

И коалициониот партнер ДУИ менува ставови – прво бараше да се напише од почеток, а потоа не била спорна содржината на текстот. Сега најавува дека партиските органи на ДУИ ќе излезеле со целосна поддршка.

Од Алијанса на Албанците се уште тактизираат со Резолуцијата. Генералниот секретар на партијата Арбен Таравари вели дека нема ништо спорно во текстот кој повикува на национално обединување на клучните македонски интереси, ама немало да го кажуваат својот став додека документот не биде ставен на дневен ред пред пратениците.

Резолуцијата уште минатата недела беше доставена до собранискиот спикер Талат Џафери. Од неговиот кабинет немаат став дали токму новото уставно име како што и најави Заев е пречката да биде ставена на разгледување пред пратениците.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста