Бесими: До изгласување на поевтиното ДДВ за струјата, граѓаните ќе плаќаат по стара – поскапа цена

Граѓаните наместо исти, ќе добијат повисоки јулски сметки за струја за 12,3%, зашто намаленто ДДВ од 18% се уште е заглавено во собраниските лавиринти. Министерот за финансии потврди дека поевтинување ќе има тогаш кога Законот ќе го изгласаат пратениците. До тогаш, ќе важи старата, односно актуелната законска стапка.

  • Прашање е на денови или на недели кога законските измени ќе бидат усвоени во Собранието. Апелираме да има разбирање и колку што е можно побрзо овој закон да помине во Собрание, но секоја дискусија е легитимна и имаме разбирање. Сепак, ова е едно од прашањата кое има директно влијание кај граѓаните и сметаме дека процедурата треба да се заокружи колку што е можно побрзо за сметките да доаѓаат со намалено ДДВ од 5 проценти, рече Бесими.

На пршање на Алфа, дали на граѓаните ќе им се компензираат поскапите сметки, следниот месец, односно кога ќе стапи на сила Законот, Бесими рече дека такво нешто не било можно. Затоа, апелираше до сите пратеници што побрзо да го донесат законот и ДДВ на струјата да се пресметува на пониска стапка.

  • Од формално правен аспект ќе се разгледува дали е возможно да се спроведе во пракса такво решение доколку има таква опција. Прашање е на време и на постоење на правна можност дали тоа може да се спроведе и да се реализира, рече Бесими.

Според него, јасна е намерата на Владата за намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 отсто и целта ќе се постигне.

Од „ЕВН“ велат дека без промена на законот, даночењето си останува на старо.

  • Компанијата мора да го почитува тоа што е регулирано и пропишано во законите, наведоа од ЕВН Македонија.

Од Регулаторната комисија за енергетика, пак, одговорноста ја префрлаат кај пратениците.

  • РКЕ пред една година по направените долгорочни анализи во енергетскиот сектор апелираше до сите партии да изгласаат намалување на ДДВ за електричната енергија за да се заштитат потрошувачите, велат од РКЕ.

Иако власта се фалеше дека нема да има поскапување на струјата, сепак за тоа ќе се почека, а Законот ќе стапи на сила откако ќе добие „амин“ од пратениците.

Првично беше најавено дека намалувањето на ДДВ-то од 18 на 5% требаше да важи од први јули, а ваквата мерка ќе стартува со влегувањето во службен весник. Со поднесениот предлог ДДВ-то од јули следната година треба да се зголеми на 10%, а веќе во 2023 повторно да се врати на 18%.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста