Запопчнува изградбата на новата куќа за четиричленото семејство Кулески од прилепското село Штавица

        Иако, деценија и пол, целосно заборавени и отфрлени од институциите и од државата, четиричленото семејство Кулески, во кое има и две малолетни девојчиња, сепак  наскоро ќе добие нова куќа. По сторијата на Алфа од пред два месеци, а на која се одѕваа огромен број на граѓани, но не и надлежните институции, ова семејство кое 15 години живее во очајно лоши услови, конечно ќе добие нов, пристоен дом, благодарение само на хуманоста од граѓаните. Темелите за новата куќа веќе се ископани, поголемиот дел од градежниот материјал е обезбеден, работната рака исто така, а архитект, комплетно го изработил и планот. По Велигденските празници, ќе продолжат градежните работи, вели Кристина Манасиевска, преку која се одвива целата оваа акција.

  „Доколку не’ послужи времето за непречена изведба на градежните работи, очекуваме дека за 2-3 месеци, Кулески ќе имаат комплетно нов дом. Имаме мал проблем со еден од соселаните и со водата. Во селото, природно има недостиг од вода, но веруваме дека и за тоа ќе се најде решение. Се’ што е потребно, обезбедено е. Единствено, додека се гради куќата, хуманите граѓани можат да  донираат храна, облека, хигиенски средства, а другото е наша работа“, – објаснува Кристина Манасиевска, хуманитарка од Охрид.  

  Изградбата на новиот дом, особено ги радува родителите Марта и Гоце. Велат, среќни се што нивните две ќерки, 13-годишната Ангела и 10-годишната Елена, конечно ќе имаат свои кревети, бања и кров за кој нема да се плашат дека ќе им се сруши врз глава. Таткото Гоце, се надева дека добрите луѓе ќе изнајдат начин да го решат и проблемот со еден од соселаните кој му ја оспорувал сопственоста на земјиштето каде ќе се гради куќата.

  „Идат дома, ме бркаат. Не било местото мое, било местото негово. Онаа куќа онде не е негова, се прави газда на ова место што е мое…Вторник се продолжува да се прави..Фирма ќе работела тука, за колку време – не знам..“, вели Гоце Кулески.

  „Братучеди сме први. Татко му негов и мојата мајка се брат и сестра…Местово нивно е…Ваше е ова место…ееее, од ѕидот до патон е негово…“, потврдува Цвета Мирческа, прва братучеда на Гоце.

     Инаку, и покрај огромниот интерес што овој случај го побуди кај јавноста, и понатаму зачудува фактот што надлежните институции, досега воопшто не го посетиле семејството, иако тоа ветување ни беше дадено уште на почетокот на март. А на овие луѓе, освен материјалната, повеќе од сигурно е дека им треба и стручна, институционална помош.

   Каролина Дурло  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста