Заев знаел за изненадувањето на Ахмети- ќе трча ли СДСМ со Албанец за градоначалник на Скопје?

Зоран Заев знае какво изненадување подготвува Али Ахмети за во сабота, но не сака да открие, вели тоа било право на ДУИ. Шпекулациите кои струјат во јавноста се дека двете партии од владејачкото мнозинство ќе трчаат со заеднички кандидат Албанец за градоначалник на Скопје, информација која денеска премиерот ниту ја потврди, ниту ја демантираше. Но, порача дека платформата на Ахмети била добра за државата, а во тоа ќе сме се увереле во сабота.

-Тоа ДУИ што го прави е освежување и убава новина, ама секако е тоа право на ДУИ да го соопшти. Да не шпекулираме порано, ќе се пушти теза точна неточна, па на неа после сите даваме шлагче, црешка или слично и правиме торта. Нема потреба, еве сабота е преку еден ден, не утре, задутре ќе биде соопштено тоа, ќе видите дека е нешто добро за државата, изјави Заев.

Али Ахмети најави дека нивното партиско семејство на петти јуни ќе излезе со платформа која ќе биде еднакво контроверзна на онаа идеја за Албанец премиер на Македонија. 

-На 5 јуни, повторно, нашето семејство ќе излезе со платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за „првиот албански премиер“, вели Ахмети.

Инаку првата голема амбиција на Ахмети се исполни, односно во последните 100 дена од Владата, премиер ќе биде Албанец на предлог на ДУИ.

-Техничка Влада е укината, технички премиер е укинат, каде што на 100 дена коалиционите партнери СДСМ и ДУИ, на предлог на ДУИ ќе го постави премиерот, кој што ќе ги води последните 100 дена од редовниот мандат, изјави Заев откако се договорија со ДУИ за состав на Влада.

Инаку, подолго време се шпекулира дека СДСМ нема да трча со Шилегов по фотелјата во град Скопје, бидејќи тој не бил во добри односи со лидерот Заев, односно важел за дел од она скопско крило, кое што не е во баш најдобри односи со премиерот на Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста