Заев сега не сака да коментира за Рашковски, опозицијата обвинува дека се мешав во судската власт

Пуштањето на Драги Рашковски во куќен притвор е доказ дека судството и обвинителството се заробени од страна на премиерот Зоран Заев, обвинува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Вели ваквиот развој на настаните доаѓа откако во јавноста се појавиле информации, дека народски кажано, Рашковски е подготвен да пропее за криминалите на Зоран и Вице Заеви, а сигурно имал информации со оглед на тоа што е нивни човек од доверба, и долго време беше прв соработник на премиерот.

-Зоран Заев изврши јавен притисок врз Обвинителството со интервју во неделникот Фокус, со кое јасно кажа дека не се согласува со одлуката на Обвинителството и мисли дека Драги Рашковски е невин. Што е скандал само по себе, бидејќи премиерот како носител на извршната власт не смее да се меша во законодавната и судската власт, во случајов се меша во судската власт. Како резултат на тој притисок вчера Драги Рашковски беше ослободен, изјави Николоски.

Инаку, Рашковски е пуштен во куќен притвор само неколку дена откако премиерот Заев во интервју кажа дека не и верува на Вилма Русковска, дека Рашковски го сторил кривичното дело кое му се става на товар, односно злоупотреба на службената положба. Сега пак Заев не сакал да ја коментира одлуката на Апелациониот суд.

-Коментар за притворот на Рашковски, знам дека е заменет од притвор во затвор во притвор домашен. Одлуката  е донесена вчера, таа е соопштена, се уште постојат постапки жалбени или слично, право на двете страни. Немам нешто посебно да коментирам, знам дека беше повеќе од 40 дена во притвор, изјави Заев.

Инаку, Рашковски беше во Шутка месец и половина, откако му беше променета првичната мерка куќен притвор, поради како што информираа од Обвинителството опасност од бегство, како и влијание врз истагата, за сега повторно да биде вратен дома.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста