Николовски не го коментира Рашковски, битката против корупцијата ја води со празни зборови

Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, се прогласи за ненадлежен да го коментира случајот со Драги Рашковски кому му беше определена мерка притвор за злоупотреба на службената положба како генерален секретар на Владата за сомнителната набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци. Николовски вели дека оваа власт, за разлика од претходната, веќе докажала дека неказнивост за сторени кривични дела нема да има.

„Не може да коментирам дали некој е невин, да навлагам во било кои судски постапки. Институциите ги ослободивме, судството и обвинителството треба да продолжат да си ја вршат својата работа и за секој еден случај кој што се истражува да има одговорност. пристапот на сите институции, па дури и до владините документи, дури и до предметите во рамки на министерствата, се отворени, се достапни и за секого еве се поведува постапки. Но, институциите се тие кои што ги носат одлуките, дали и која мерка ќе биде превземена“, рече Николовски.

Но, останува нејасно дали и колку истраги за корупција отворил Николовски откако седна на фотељата во еден од најважните владини сектори? Јавноста памети дека сите големи скандали, поврзани со нелегалното работење на високи државни функционери, произлегоа од објавите во медиумите, а обвинителството предметите најчесто ги отвораше по допрен глас и како резултат на бурните реакции на јавноста, какви што беа и оние за случајот со Рашковски,

Премиерот Заев, неодамна во интервју за „Фокус“ рече дека поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, не ја злоупотребил функцијата и оти не и верувал на обвинителката Вилма Русковска дека поседува докази против него.

„И денес тврдам дека не ја злоупотребил функцијата и има спроведено кристално чисти јавни набавки. Останувам на ставот дека Владата може да нарачува софтвер без да праша никого, а на министерството е дали ќе го користи. Не ѝ верувам на Русковска дека Рашковски ја злоупотребил функцијата“, рече Заев во интервјуто.

Единствената истрага со која се пофали вицепремиерот за борба против корупцијата, беше онаа за запленетиот путер со поминат рок на употреба. Тој помпезно преку „Фејсбук“ најави целосна истрага и одговорност за наводна количина од 4.5 тони расипан путер, за кој подоцна се испостави дека биле 25 килограми путер во блокови и 5 килограми во канта.

Социјалните мрежи „експлодираа“ во ваквата објава на Николовски, обвинувајќи го вицепремиерот дека се обидува да ја дефокусира јаноста од реалните проблеми со кои се соочува државата, во време кога надлежните немаа ниту една купена анти ковид вакцина во Македонија.

Биљана Божиновска