„Раде кончар“: Многу неправилности и пропусти во тендерската постапка за регистарски таблици

Раде Кончар ,од кого МВР повеќе од 20 години набавуваше регистарски таблици, обвинува за многу неправулности и пропусти во тендерската постапка. Многу сомнежи и нејаснотии се појавија откако Министерството минатиот месец избра нов оператор,а понудата на Кончар беше елиминирана. Во фабриката тврдат дека нивната понуда била отфрлена како неприфатлива, заради технички грешки,без да им биде дадена можност да ги исправат, додека на останатите понудувачи, им била дадена дополнителна можност да достават сертификати коишто се барале во тендерската документација, а коишто ги немале доставено кон понудата, што е спротивно на Законот за јавните набавки.

“Одлука ја обжаливме со поднесување на жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки,која даде насоки коишто му укажуваат на договорниот орган дека е потребно да изврши правилна евалуација, која ќе биде во согласност со барањата и условите во тендерската документација. При повторната евалуација, ние повторно сме елиминирани од постапката, а мострите на економските оператори на коишто им беше овозможено да учествуваат на повторената аукција, повторно не содржат ваков сертификат. Понудите на истите требаше да бидат отфрлени како неприфатливи, а не да им се овозможи повторно да одат на аукција. Од наша страна вложена е повторно жалба до Комисијата и се надеваме дека истата ќе постапи во согласност со нашата пријава и ќе ги воочи сторените неправилности и ќе спречи настанување на ненадоместлива штета, односно испорака на неквалитетни регистерски таблици и меѓународно непризнаени.” – велат од РАДЕ КОНЧАР.

Алфа дознавајќи од свои извори веќе објави дека тендерот го добива фирма со сомнително потекло, но, регистрирана само како канцеларија и без можност да печати таблички. Па,за да не избие скандал, државата, според нашите извори, одлучува да нарача таблички од Германија. Од МВР се правдаа дека договорот со “Раде Кончар” бил временски истечен и вредносно истрошен и избран бил економскиот оператор Квантум од Скопје кој настапувал како група на понудувачи со оператор од Германија.

Инаку, недостиг на таблици во државава има веќе со месеци.Иако надлежните тврдеа дека нема застој во испораката,сепак, и денеска проверувајќи по дел од Станиците за технички преглед,добивме информации, дека таблици, сеуште нема.         

Милена Вучевска   

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста