Заев „се изгуби“ во историјата – Бугарите биле фашистички окупатор, но не се исти со сегашна Бугарија

Премиерот Зоран Заев како да се изгуби во неговите изјави околу тоа дали бугарите биле или не биле фашистички окупатори?! Последната во низата конфузни изјави е оти тие сепак биле дел од фашистичкиот режим, па тоа го знаел и самиот Заев, но вели оти нацистичка Бугарија не била иста со сегашната Република Бугарија. По реакциите на јавноста дека со бришење на придавката „бугарски“ окупатор од учебниците, се извртува историјата, Заев денеска се правда оти не станувало збор за бришење на историјата, но патот кон Европа сепак вели зависел од тоа дали ќе стиснеме заби.

„Сите ние ги знаеме предавствата кои се случувале за времето на фашизмот, со соработката со окупаторот во тоа време и германски и италијански и бугарски, кој што бил овде. И нема дилеми, но дали ќе стиснеме заби и ќе бидеме Европејци, без протоа нешто да изгубиме или да менуваме од нашата историја. Туку ќе одиме со европскиот начин на комуникација и ќе дадеме шанса на идните генерации. Без да обвинуваме цели генерации на наследници, на деца, на внуци. Навистина зависи од сите нас“, рече Заев.

Најавите за бришење на историјата предивикаа остри и бурни реакции во јавноста. Граѓаните се гневни на Владата и коментираат дека историјата на македонскиот народ не може да биде желботека на политичарите и мегдан за фалсификување.

Реакција вчера стигна и од Еврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, кои преку писмено соопшение посочија дека се против намерата за бришење на етничката припадност во формулацијата „бугарски фашистички окупатор”. Тие на андлежните им предложија наместо бришење на терминот „бугарски” да се додадат термините „тогашен” и „власт” и секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор да се именуваат како „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти”.

Побараа Софија јавно да се извини за постапките на Царска Бугарија, за окупацијата и депортацијата на Евреите.

Во меѓувреме, Власта и покрај сите разочарувања од претходните години, сепак се надева дека Бугарија ќе даде зелено светло за европските аспирации на Македонија.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста