Афера „Профитер“: Шилегов исплаќа милионски суми на наместени тендери

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, местел милионски тендери за личен профит, обвинува ВМРО ДПМНЕ. Аферата „Профитер“, која ја обелодени опозицијата велат ќе покажела како скопскиот татко за само четири години се збогатил за близу 500.000 евра преку монтирани тендери за градежни активности.

„Во 2018-тата година, за тендер „изградба, одржување и реконструкција на вело патека“ со проценета вредност од Град Скопје на цели 27 милиони 800 илјади, се пријавиле 11 учесници – градежни фирми. При тој тендер во 2018 – та година дури 42 пати е намалувана цената преку електронско наддавање – и тоа довело овој тендер да биде платен 1,5 милиони. Значи од 27,8 милиони проценета вредност, да биде потпишан договор по електронското надавање нели онаа форма на слободна економија, на само 1,5 милиони. И така се работи во слободна економија, така се работи во демократија – 11 конкуренти, се борат за работа, 42 пати е намалувана цената. Но, се потоа, 2019, 2020, па и оваа 2021 година кога економијата почнува да тоне, тендерите на Град Скопје, за чудо, милионски тендери, наеднаш не биле интересни за наддавање, и за чудо, цените на договорите стануваат идентични на проценетата првична вредност од Град Скопје“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат како е можно, на јавните огласи за атрактивни проекти кои чинат милиони евра, да аплицираат едвај една до две градежни копмпании и притоа да ја нудат онаа цена која ја проектирал и Градот Скопје? Алармираат за можно диригирање на фирмите, дали воопшто смеат да излезат на слободниот пазар и дали смеат да се борат да обезбедат работа за своите вработени?

„Скандалот „Профитер“ ќе покаже јасни индиции за местени тендери заради што штета трпи буџетот, државата, граѓаните, а некој дебело профитира. „Профитер“ ќе даде јасни насоки за работа на Јавното обвинителство. И на крај „Профитер“ можеби ќе ја даде најјасната слика како градоначалник на Скопје со административна плата зголемува луксуз и свој имот за речиси половина милион евра“, додава Стоилковски.

Од СДСМ пак преку соопштение реагираат дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да врши притисок врз Обвинителството. Велат оти опизицијата поради стравот од пораз на локалните избори пласира нецелосни и фабрикувани документи против Шилегов.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста