Заев го оправдува случајот Милески- Кичеец имал на право годишен одмор, како и секој затвореник

Зоки Кичеец имал право на годишен одмор. Вака премиерот Зоран Заев одговори на прашањето зошто Милески, кој учествуваше во сообраќајна несреќа со смртни последници, бил на слобода наместо да ја отслужува затворската казна за случајот „Рекет“. За разлика од жестоките реакции во јавноста, премиерот на еден начин како да застана во одбрана на Кичеец. Вели како и секој затвореник имал право на отпуст од затвор, а во оваа ситуација било поради здравствени причини, за кои била приложена и документација.

-Дефинитивно тоа е согласно закон, тоа е право што му следува на секој издржувач на казна. Имаат право на годишен одмор, имаат право на викенд, имаат право на лекување и со одреден прекин на казните и слично сето тоа е дозволено со законите во нашата земја. За деталите ве упатувам на Агенцијата за санкции, односно управата за извршување санкции. Моја должност беше да прашам, изјави Заев.

Она што е симптоматично во овој случај е што две државни институции дадоа два различни датуми и две различни причини. Според Управата за извршување санкции, причината била здравствени проблеми на Кичеец, а датумот кога бил пуштен е осми август. За разлика од нив од затворот во Струга, соопштија дека причината била здравствената состојба на неговата мајка, а датумот 11-ти август. Министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој е надлежен за овие две институции, најде начин како да ги одбрани, станувало збор за некаква некоординираност.

-Она што ми го кажа директорот на Управата е дека тоа што го објавиле во име на управата преку соопштение е точната верзија. Мислам дека се работи за моментална некоординација или разлика во датумите. Меѓутоа суштината е дека врз база на медицинска документација, добил затвореникот 30 дневен прекин од издржување на казната со цел да ги заврши тие медицински работи, изјави Маричиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека тоа што Кичеец е на слобода е доказ дека власта соработува со криминалците, предупредувајќи дека Милески е само еден од оние кои власта планирала да ги пушти на слобода.

-Тројца високи функционери на власта од кои еден непосредно одговорен за полицијата, другиот по потекло од тој крај со прочуен  брат и третиот познат криминалец договарале ослободување на робијаши од затвор. Овој пат задачата била одбран дел од ослободените криминалци да спроведат специјална операција – „евакуација на капитал“, изјави Миле Лефков.

Инаку, информацијата дека Милески е на слобода во јавноста се прошири откако тој учествуваше во сообраќајка во која загина едно лице. Она што засега единствено е познато за овој случај е дека Обвинителството отворило предмет.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста