Се замрсува случајот со сообраќајката кај Стража: Зошто и кога бил пуштен Кичеец?

Наместо во ќелија да ја отслужува казната за „Рекет“, Зоран Милески Кичеец е на слобода, барем последниов месец, а како осуден во отсуство од затвор, учествуваше во сообраќајна несреќа со смртни последици. Таа беше причината јавноста да дознае дека тој во моментов е на слобода. Ова отвори голем број прашалници околу тоа зошто Кичевскиот шета како слободен човек.Дилемите се продлабочија, откако две институции дадоа две различни причини и два различни датуми, поврзани со неговото отсуство. Од Управата за извршување санкции, со која раководи Марјан Спасовски, а кој не беше расположен за изјава за Алфа, преку кратко соопштение информираат дека причината биле негови здравствени проблеми.

-Со одлука на Управата за извршување санкции, лицето Зоран Милески користи 30 дневно отсуство од затвор поради неодложни лекарски прегледи. Определеното време за медицински испитувања е од 08.08 до 08.09. Милевски казната затвор ја издржува во отвореното одделение во затворот во Струга. Тој веќе има издржано повеќе од половина од затворската казна и до 08.09 треба да се врати на доиздржување на затворската казна, кратко информираа од Управата за извршување санкции.

Додека осми август е датумот кога Кичеец бил пуштен според Управата за извршување санкции, друг е според струшкиот затвор, каде тој ја издржува казната. Се обидовме да стапиме во контакт со директорот Валон Кира, но без успех, неговиот телефон беше исклучен. Тој претходно во изјава на МИА, вели дека Кичеец бил пуштен на 11-ти август, а причината не била неговата здравствена состојба, туку на неговата мајка.

Поради сите овие непознаници околу овој случај, реагираше и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат, зошто агенти од АНБ биле на местото на сообраќајката, дали нешто се обидувале да прикријат. А потенцираат и дека Кичеец не е единствениот криминалец кој е слобода откако СДСМ е на власт.

-Поголем доказ од ова дека во Македонија Зоран Заев е во брак со подземјето нема. Фактот што е на слобода Зоран Милевски Кичеец кој учествувал во сообраќајната несреќа, власта го правда со контрадикторни изјави. Еднаш велат дека тој е на слобода поради здравствени проблеми, после тврдат дека тоа е поради семејни причини, изјави Миле Лефков.

Сознанието дека Кичеец е на слобода предизвика бура негативни реакции кај граѓаните.

-Кичеец физички стварно бил надвор ама со мислите бил во затворот, а тоа нели беше најбитно

-Камчев ја руши фарсата СЈО ко кула од карти. Кичеец му се измоча на правниот систем. Е за ова се боревте.

-Сеа фали уште да кажат дека Кичеец земал еден месец неплатен одмор од Идризово, и да изгинеме колективно.

-За да не се бламира пак: Владата ќе му дозволи на Кичеец да го одлежи остатокот од казната онлајн.

-Кичеец можел да користи и годишен одмор од 24 дена, кажале од Управата за извршување санкции. Ме интересира, му дадоа ли К-15?

Инаку, во сообраќајката во која Кичеец учествуваше како возач на својот џип Мерцедес, загина лице на 34 години, а седум се повредени, информираа од МВР. Милески во својот џип бил со уште двајца српски државјани, кои минале само со повреди. За оваа несреќа предмет отвори и Обвинителството.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста