Симовски: Добро тече пописот, се рестартира системот за апликацијата, мал број одбиваат да се попишат

Трет ден попис, втор ден проблем. Пописната електронска апликација по вчерашното крахирање утрината беше рестартирана и се очекува да функционира нормално. И покрај реакциите на граѓани кои требало да бидат попишани но системот не работел, од Државниот завод за статистика смируваат дека проблемите биле надминати а вакви случаи биле очекувани. Велат екипите работеле на брзо изнаоѓање решение.

Денешното рестартирање е да нема вакви случаи, она што вчера ни се случи, најдено е решение за тој технички проблем. Секогаш кога работите со технологија, се можни вакви случаи, тие беа предвидени и затоа има цела екипа, која што е спремна да интервенира, и еве се отклонуваат проблемите“ – изјави Симовски.

На проблемот со апликацијата, се надоврза уште еден – попишувачите се уште не знаат кои лица се во изолација поради контакт или зараза со корона вирус, па така се доведува во ризик здравјето на попишувачите. Според Заводот, попишувачите навремено ќе добиеле адреси за тие лица, со што, нивното попишување ќе се регулира подоцна.

Во меѓувреме, опозиицската ВМРО-ДПМНЕ повика на масовно попишување на граѓаните, и уште еднаш апелираше да престане бојкотот.

„Мојата порака е масовно да излезат граѓаните и да се попишат и мојата порака до македонскиот народ е да не ги слушаат и да не потклекнуваат на анационалните и антимакедонските елементи на македонската политичка сцена  рече Мицкоски во синоќешното интервју на ТВ 24.

Од Националниот блок „Не отворам врата“ уште еднаш повикаа на бојкот на пописот, затоа што сметаат дека ќе биде фалсификуван па затоа целат кон тоа да биде неуспешен.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста